Институтот за белодробни заболувања денеска бесплатно ќе прегледува за ХОББ


Денеска од 11 часот до 14 часот во „Скопје Сити Мол“ ќе има бесплатни прегледи за хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ).

Прегледите ги организираат  Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза – Скопје и Здружението на пневмофтизиолозите, под мотото „Многуте лица на ХОББ“.

„Овој настан е од особена важност за да се испрати порака до граѓаните дека е важно да ја препознаат оваа болест, како и нејзино навремено
дијагностицирање и лекување. Навременото дијагностицирање и правилното лекување на оваа болест ќе го подобрат квалитетот на живот и животниот век на овие болни“, соопштија од Институтот.

Еден од најголемите ризик фактори за појава на ХОББ е пушењето.

ХОББ и астмата се двете најчести заболувања на белите дробови. Најчеста причина за болеста е пушењето,  и на тоа отпаѓаат 80 – 90 отсто од вкупниот број случаи. Главен симптом е кашлицата. Кашлицата кај пациентите со ХОББ често се јавува во утринските часови. Другиот главен симптом е диспнеата (краток здив).

Кај секој пушач кога ќе се јави на лекар и ќе се пожали на симптоми како кашлица со искашлување, отежнато дишење, краток здив или свирење во градите, неопходно е да се направи спирометрија со која се одредува вентилаторната функција.

Не постои лек за излекување или за да се спречи прогресијата на ХОББ . Сепак, постојат повеќе начини пациентите да се ослободат од симптомите, да се спречат влошувањата, да се подобри толеранцијата на напор и да се подобри квалитетот на животот.