Иновациите не резултираат со нови работни места


Македонските компании слабо инвестираат во иновации. Истражувањата и развојот на бизнисот се далеку под просекот на Европската Унија. Иако во последната година има раст на иновативните активности кај малите и средните претпријатија, сепак, нивниот импакт е слаб и не резултира со креирање нови работни места или зголемување на извозот.

Ова се дел од заклучоците на меѓународната конференција „Ино-денови – иновации, контекст, соработка и капацитети во Балканско-медитеранската област“, која се одржа во Скопје. Целта на проектот, кој покрај Македонија ги опфаќа и Кипар, Грција, Албанија и Бугарија, е зголемување на конкурентноста, преку промоција на пет ино-аплатки, кои во иднина ќе им бидат понудени на компаниите.

Министерот без ресор Зоран Шапуриќ, кој е задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, истакна дека Владата постојано воведува нови мерки за поддршка на домашните компании, особено за малите и средните претпријатија.

„Минатата година буџетските средства за поддршка на иновативноста и индустриското производство се зголемени шест пати, а 75 отсто од корисниците на овие средства се мали и средни претпријатија. Тие даваат сериозен придонес во растот на индустриското производство, кој е зголемен за шест отсто и во извозот, кој е зголемен за 14 отсто. Во тој правец продолжуваме и во иднина, а особено доколку започнеме преговори со ЕУ овој процес особено ќе се забрза“, истакна Шапуриќ.

Структурата на деловниот сектор во земјава е составена најмногу од мали и средни претпријатија, кои сочинуваат 90 отсто од сите компании во Македонија. Од нив 89 отсто се микропретпријатија со максимум девет вработени. Според Андријана Богдановска од Центарот за управување со знаење и проектен менаџер на „Ино-платформа“, целта на конференцијата е подобрување на нивните иновативни капацитети.

„На средината на спроведувањето на проектот ги споделуваме истражувањата направени во земјите од Балканско-медитеранската група. Според податоците за Македонија, домашните компании се во рамките на европскиот просек според иновативните активности, но импактот е многу слаб бидејќи тие не резултираат со зголемување на вработеноста ниту, пак, во извозот кај индустриите кои носат голема додадена вредност, во тој процент како што е случајот во ЕУ“, вели Богдановска.

Таа информира дека конкретни резултати од истражувањето се пет алатки, ино-финансии, партнер, стратегија, модел и проект кои ги адресираат специфичните области на дејствување на претпријатијата и ќе им овозможат да ги имплементираат иновациите.

„Очекуваме да се адаптира легислативата во однос на потребите на малите и средните претпријатија. За зголемување на иновативноста на компаниите потребна е и посериозна државна инфраструктура и конкретни инвестиции. Фондот за иновации и технолошки развој не е доволен, иако има многу интензивни активности, посочува Богдановска.

Конференцијата е дел од проектот „Ино-платформа“, финансиран од Европската Унија и се имплементира во пет земји од Балканско-Медитеранската област.

Сања Наумовска