Импровизацијата ги носи параглајдеристите во смрт


До Основното јавно обвинителството во Прилеп доставени се завршните извештаи од истрагите за воздухопловните несреќи лани лето во Крушево во кои загинаа тројца параглајдеристи и уште една истрага за пад на моторен змеј, која минала само со повреди на пилотот. Комитетот за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти во сите случаи заклучил дека станува збор за грешка на параглајдеристите.

„Новиот тим на Комитетот ги наследи овие истраги од претходниот. Истрагата покажа дека иако сите биле искусни параглајдеристи, несреќите се резултат на нивни грешки. Заедно со извештаите, до Обвинителството ги вративме и деловите од параглајдерите, кои по вештачењето се враќаат на семејствата“, ни изјави Зоран Илиевски, новиот претседател на Комитетот.

Крушево веќе е запишано на мапата на светските парглајдинг-центри. В лето таму се одржуваат интернационални натпревари. Оттука и укажувањето на Комитетот дека зачестените несреќи покажуваат дека не е доволно само искуството на параглајдеристите и поседувањето лиценци туку и следење на  пропишаните процедури.

„Од воздухопловен аспект, препораката е превенција. Тоа значи поголемо присуство на терен на воздухопловни стручњаци кои работат во делот на инспекцискиот надзор. Тие треба да бидат на терен за време на големите настани во параглајдерство, што в лето ги има во Крушево. Превенцијата  ќе го зголеми почитувањето на пропишаните процедури“, вели Илиевски.

Што може да направи само момент на непридржување до строгите правила покажува случајот со параглајдеристот од Чешка, кој лани загина во Крушево. По долг лет, слетал на бука, 15 метри над земја. Полицијата го лоцирала преку џи-пи-ес. Добил инструкции да остане таму додека да стигне екипата со опрема.  Екипата стигнува на 400 метри до него, но тој, неочекувано, го откопчува седиштето, паѓа од дрвото и умира. Истрагата открила дека параглајдеристот дента полнел 52 години. Иако на домаќините во Крушево им кажал дека е атеист, утрото побарал да го однесат во црква.

Комитетот до крајот на месецов треба да ја заврши истрагата за несреќата на малото авионче „пајпер“ во близина на скопскиот аеродром, во која загинаа сите шест патници, вклучувајќи ги претседателот и потпретседателот на италијанскиот авиоклуб „Тревизо“. Во септември 2016 година, четири минути пред планираното слетување, „пајперот“ исчезна од радарот на скопскиот аеродром, а остатоците од авиончето беа пронајдени во атарот на селото Кожле, на оддалеченост од помалку од 20 километри од аеродромот.

„Интензивно се работи со надворешни истражители кои биле вклучени од почетокот на истрагата. Имаше мал застој поради вакуумот меѓу разрешувањето на старите и именувањето на нови истражители во Комитетот“, објаснува Илиевски.

Во новиот состав на Комитетот, покрај Илиевски, како претседател истражител, именувани се уште двајца истражители, искусни поранешни пилоти. Зоран Илиевски доаѓа од скопскиот аеродром, каде што во повеќе наврати беше директор на аеродромот и директор за безбедност.

Анита Салтировска