Изгласаната одлука во македонскиот парламент ја поздравија Бушати, Ручи и Баша


Министерот за Европа и за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати го поздрави изгласувањето на одлуката на македонскиот Парламент за пристапување кон измени на Уставот, со изреката на Нелсон Мандела: „Се чини неможно се додека не се постигне“.

Според Бушати, гласањето претставува голем чекор кон спроведување на Договорот од Преспа.

– Мандела вели „Се чини невозможно се додека не се постигне“. Гласањето за уставни промени во македонскиот Парламент претставува голем чекор кон спроведувањето на Преспанскиот договор. Претставува една јасна демонстрација во отворањето на патот кон НАТО и ЕУ, смета Бушати.

Спикерот на албанскиот парламент Грамоз Ручи до неговиот македонски колега Талат Џафери испрати честитка, за како што се наведува, историската одлука за промена на името на Македонија, наведувајќи дека Северна Македонија е Европска Македонија, добредојдена со ракоплескање од стратешките партнери.

– Во донесувањето на оваа одлука, голем е придонесот на вашето политичко лидерство и на албанските пратеници, кои гласаа сите за оваа визионерска одлука, напиша Ручи во честитката до Џафери.

Изгласувањето на одлуката ја поздрави и лидерот на најголемата опозициска партија, Демократската партија Љуљзим Баша.

– Синоќа парламентот на Македонија го отвори патот на уставните измени кои овозможуваат нејзино членство во НАТО. Најсрдечно го поздравувам овој чекор и престојните уставни измени, процес кој ќе не обедини и како сојузници околу заедничките евоатлански вредности, оценува  Баша.

Претходно одлуката ја поздравија и претседателот Илир Мета и премиерот Еди Рама.