Избрани претседателите на штипска Апелација и на судовите во Куманово, Тетово и Ресен


Судскиот совет на Република Македонија денеска ја објави вчерашната одлука за избор на претседатели на Апелацискиот суд во Штип и на основните судови во Куманово, Тетово и Ресен. За претседател на Апелацискиот суд Штип е избран судијата Наке Георгиев, за претседател на Судот во Ресен е избрана Емел Кранли Али, Снежана Манев е избрана за нов претседател на Основниот суд Куманово, а Хасан Асани за претседател на Основниот суд Тетово. Претседател на Основниот суд Дебар не е избран поради тоа што кандидатите не го добија потребното мнозинство гласови согласно законот. На седницата донесени се одлуки за избор на судии за Врховниот суд на РМ, за Апелацискиот суд Скопје, како и за основните судови во Велес, Битола, Тетово и во Основниот суд Скопје 2. Членовите на Советот го избраа судијата Африм Фидани во кривичната област за Врховниот суд на Република Македонија, во битолска Апелација за кривична област е избран судијата Александар Камбовски, судијката Тања Милева за кривична област е избрана во скопска Апелација, додека пак за граѓански предмети ги поддржаа кандидатурите на судиите Зоран Герасимовски и Мелек Алија Елези. На седницата беше констатиран престанок на функција на судии-поротници во Апелацискиот суд Штип поради истек на мандатот и притоа донесена е Одлука за избор на нови судии- поротници во овој суд. Судскиот совет донесе Решение за престанок на судиска функција на Милка Ангеловска Васевска, судија на Основен суд Скопје 1 Скопје, поради исполнување на услови за старосна пензија. Членовите на Советот дадоа согласност за ангажирање за вршење високообразовна дејност на Правниот факултет Јустинијан Први во Скопје во учебната 2017/2018 година за судијките од Основниот суд Скопје 2, Софија Миленкова, Цветанка Сиљаноска Костадиновска и Антоанета Димовска, како и за судијката Лидија Димчевска од Апелацискиот суд Скопје.