Идеологијата и политиката над музиката: Се пазареа, па бојкотираа


Музичарите беа со поделени ставови уште при самата најава за прославувањето. Дел од нив го исполнија договореното и ги реализираа настапите, други рекоа дека биле изиграни од нивните букинг, трети, пак, ги откажаа настапите. Меѓу последните се и „Љубојна“, Влатко Лозаноски и „Конкеринг лајон“.
Но, ниту еден од овие музичари не сакаше да одговори на новинарските повици и да образложи какви договори им биле дадени и зошто во последен момент ги откажаа концертите.
Лозаноски, кој требаше да настапи во Охрид, ги искористи социјалните мрежи да им се обрати на фановите и напиша дека одговорно стои зад одлуката да го откаже настапот без оглед на последиците.
„Ова беше моја голема одлука, околностите не беа лесни и засегнати беа многу страни, но она што секогаш во прв план го ставам е публиката. До ова скалило на музичката сцена сум дојден само поради вас и секогаш ќе биде само поради вас. Јас сум пејач, музичар и уметник и само поради такви причини сум прифаќал настапи пред публиката. Овој пат ситуацијата ескалираше и увидов дека во такви моменти не треба да пеам. Верувам дека ќе има многу убави музички настани во иднина каде што ќе ја славиме музиката. Пред вас сум за да ве спојам меѓусебно преку музиката, а не да ве поделам. Никогаш не сум бил политички определен, музиката е таа што ме насочувала и ќе ме насочува во животот. Искажувам голема почит кон сите мои колеги и организаторите на настанот, но мене публиката секогаш ќе ми биде на прво место. Сите овие години ви дадов толку многу љубов вам, на моите фанови, и двојна љубов ми беше возвратена од вас, што никаква пречка нема да дозволам да се појави за тој круг да се прекине“, напиша Лозаноски.
Два дена пред да се одржи прославата членовите на реге-бендот „Конкеринг лајон“ исто преку социјалните мрежи информираа дека дошло до недоразбирање со букинг-агентите и дека нив им било кажано дека ќе настапуваат на културен настан, а не на владина прослава за НАТО.
„Како што се испоставија работите, испадна дека повеќето артисти не знаеле за каков тип настан станува збор, меѓутоа некои од нас веќе имаа потпишано договор за настап на културен настан за кој немаше подетални информации и сега нема назад. Ако може нешто позитивно да се извади од целата ситуација, е дека нашата порака останува јасна и гласна и ќе биде пренесена и на овој концерт, како и на сите претходни. Не се криеме и не бегаме од тоа дека настап на ваков настан не ни е во прилог и е против нашата идеологија, но се надеваме ќе разберете во која ситуација се најдовме без да сакаме и самите ние. Не смее да се исклучи идејата дека можеби настапот во центарот на Бабилон може да биде многу влијателен и да остави печат. На крајот на денот секој има право на свое мислење и затоа какви и да се вашите одлуки ќе бидат почитувани“, напишаа тие, но сепак нивниот настап во Кочани не се одржа.
Збунувачки за јавноста се обраќањата од бендот „Љубојна“ преку социјалните мрежи. Најпрво членовите напишаа дека настапот бил закажан многу порано и не знаеле за каков настан се работи и дека не е поврзан со личните ставови на членовите на групата. Во истиот пост тие информираа дека ќе настапат во нивниот препознатлив манир и дека хонорарот ќе го донираат за болно детенце, како и на Одделот за традиционална музика и игра при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ за понатамошен развој и истражувачка дејност.
Подоцна, бендот одлучи да не се појави на закажаниот настап во Струмица, а нивните статуси од социјалните мрежи во врска со прославата за НАТО беа отстранети.
На централната прослава во Скопје, како што беше и најавено, настапија „Кепурдат“, „Архангел“ и Кирил Џајковски.

(И.Н.)