Иванов ја отвори првата македoнска Амбасада во Бразил


Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов ја отвори македонската Амбасада во Бразил, што претставува прва македонска Амбасада во Латинска Америка.

– Отворањето на македонската Амбасада во Бразил е почеток на ново пријателство и соработка меѓу двете земји, порача Иванов на свеченото отворање на Амбасадата во Бразилија.

Изразувајќи надеж дека и Бразил ќе отвори своја амбасада во Македонија, претседателот Иванов оцени дека визната либерализација меѓу двете земји претставува дополнителен поттик за унапредување на севкупната соработка, особено во сферата на туризмот.

– Покрај дигиталната трансформација, личниот контакт е незаменлив и личното ваше присуство на овој чин кажува дека ова е почеток на едно ново пријателство и соработка. Неопходна ни е соработка и неопходни се лични контакти преку сите претставници на земјите на сите континенти. Бидејќи на сите ни е неопходен мирот и просперитетот, и неопходно е на младите поколенија да им оставиме извесна иднина, рече македонскиот претседател.

Македонскиот амбасадор Ивица Боцевски истакна дека Република Македонија во Бразил гледа свој партнер во глобалната економска, технолошка, научна и дигитална трка.

– Централен дел на работата на оваа Амбасада ќе биде борбата за привлекување странски инвестиции во Македонија, посебно на најглобализираните и технолошки водечките бразилски брендови, порача амбасадорот Боцевски.

Присутните на свеченоста ги поздрави и в.д министерот за надворешни работи на Бразил Маркос Галвао.

– Во овој период го видовме стапувањето на сила на договорот за визна либерализација, кој што е темелен за зближување на нашите народи затоа што веќе ги олеснува посетите помеѓу двете земји. Идентификувавме можности во областите на разузнавањето, соработка во правосудството, трговијата и културата, порача Галвао.

На свеченоста на отворањето на македонската амбасада во Бразилија присуствуваа личности од политичкиот и општествениот живот на Бразил, претставници на дипломатскиот кор, како и претставници од македонската дијаспора.

Претседателот Иванов кој престојува во официјална посета на Бразил вчера оствари средба со бразилскиот колега, претседателот Мишел Темер. За утре се предвидени средби со Фернандо Колор де Мело, претседател на Комитетот за надворешни работи и национална одбрана во Федералниот Сенат, како и со Бруна Фурлан, претседател на Комитетот за надворешни работи и национална одбрана во долниот дом на Националниот конгрес на Бразил.