Иванов се заплеткува во политичката пајажина


Претседателот Ѓорѓе Иванов е противречен во сите свои изјави, а последните негови јавни настапи се во контекст на извлекување од одговорноста за насилните настаните во Собранието. Вака дел од аналитичарите што ги консултиравме го коментираат настапот на „шефот на државата“, кој уште еднаш повтори дека не планирал да прогласи воена или вонредна состојба, но првпат призна оти неговиот генерален секретар Борис Јосифовски кобната вечер на 27 април, сепак, бил во партискиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, каде што според дел од обвинетите за крвавите инциденти се координирала главната команда на „народното случување“ и обидот за спречување на Талат Џафери да стане претседател на парламентот.

Армијата – тоа сум јас

Најпрво велеше дека никој од вработените во неговиот кабинет не биле вклучени во настаните од 27 април. Сега кажува оти неговиот генсек, кој, патем, не е партиски, туку на сите граѓани, сепак, бил во штабот на партијата. Неговите изјави се популистички па, на пример, вели ‘ајде, ако некој од странците ми вршел притисок да не прогласам воена состојба – нека се јави’, а добро знае оти така не функционираат дипломатијата и меѓународната политика дури и во земјите од развој. Ако се сеќавате, тој беше полн со инспиративни идеи околу безбедноста на земјава, односно околу начинот на организација и функционирање, а на 27 април во парламентот му влегоа безбедносни експерти од други држави кои, патем, и контактирале со неговиот кабинет. Така што, и овој негов говор е повеќе за потребите на неговиот пи-ар меѓу граѓаните отколку за да каже нешто суштинско“, вели аналитичарот Алберт Муслиу за „Независен весник“.

Тој не сака да шпекулира дали Основното јавно обвинителство плете пајажина околу вилата на Водно барајќи ги нарачателите и остава правосудните органи да го кажат последниот збор.

Јас не можам да тврдам дека бил вклучен. Хипотетички, дури и да бил вклучен, сигурно тој самиот нема да признае, па затоа може да очекуваме слични негови изјави и во следниов период“, констатира Муслиу.

Според професорот Ѓорѓи Спасов, Иванов денес настапува со тезата: Армијата – тоа сум јас, а армијата и пред НАТО (како и тој) има углед, кој никој не смее да го доведува во прашање.

Иванов денес, откако Мијалков е во затвор, а Груевски во бегство – тврди дека отсекогаш укажувал дека УБК е изворот на сите проблеми и нестабилности во Македонија. Конечно најде некого на кого ќе му ја товари сета вина за 27 април, но веројатно и за политичкото и пропагандно подготвување на тоа насилство со сопствената хистерија против ‘тиранската платформа’ и недавањето на мандатот за состав на нова влада. За својата невиност бара докази и од сите странски амбасадори. Никогаш немал намера да воведува ниту воена ниту вонредна состојба во Македонија бидејќи не постоеле услови за тоа. А, кога ја образложуваше причината за амнестијата, нè извести дека решил да не ја користи армијата за средување на внатрешните состојби во земјата затоа што тогаш било поважно таа да ги чува границите од напливот на бегалците. Затоа, да почекаме Иванов да се договори со себеси за тоа кога ја кажува вистината. И додека не се понудат нови докази, покрај сè што видовме, за неговата лична инволвираност во сите обиди за спречување на мирната промена на власта во Македонија“, коментира Спасов.

Реков дека УБК е главниот проблем

Македонскиот претседател рече дека во изминатите неколку години во повеќе наврати јавно предупредувал на опасностите кои се закануваат по стабилноста на земјата што било игнорирано, заради што сега сите ги чувствуваме последиците.

Во кабинетот на претседателот никогаш не се разговарало ниту се размислувало за прогласување воена или вонредна состојба. Со тоа ги отфрлам и сите шпекулации дека меѓународната заедница вршела каков било притисок врз мене да отстапам од некаков наводен план за прогласување на воена или вонредна состојба. Во овој момент, јавно ги повикувам странските претставници да излезат и да ги посочат тие што ми вршеле притисок“, повика командантот на врховните сили.

Иванов упатува да се прочита член 124 од Уставот, каде што стои дека воена состојба настапува кога претстои непосредна воена опасност од напад врз земјата, кога републиката е нападната, или и е објавена војна. Согласно член 125 од Уставот, вонредна состојба настапува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.

На 27 април немавме ништо од ова. Година и пол, јас како претседател и мојот кабинет, сме постојана мета на лажни вести и конструкции со цел да потклекнам и да отстапам од моите ставови во врска со политичките случувања во земјава и политиките што ги спроведува актуелната влада. Деновиве сме сведоци дури и на лажни искази дадени во судскиот процес за настаните од 27 април“, вели Иванов.

Тој ги повика сите што го обвинуваат да се обратат до Министерството за одбрана, АРМ, Агенцијата за разузнавање и УБК и да добијат веродостојни информации за планските и дневните активности на секој старешина, командант и војник. Од друга страна, посочи дека и Обвинителството и Армијата пред неколку дена негирале оти тој е поврзан со случувањата од 27 април. Демантираше дека во „Јасен“ се подготвувало засолниште во случај на воена состојба. Рече дека и пред две години укажувал оти УБК е главното жариште на генерирање на сите политички и безбедносни кризи во Македонија, а болеста и денеска не е отстранета.

Борис Јосифовски е член на ВМРО-ДПМНЕ и како член на таа партија нема ништо спорно да биде присутен во седиштето на партијата. Истовремено, посочуваме дека присуство не подразбира и инволвирање во конкретни активности. Присуството на Јосифовски во штабот на ВМРО-ДПМНЕ на 27 април беше со цел да оствари договорена средба што нема никаква поврзаност со какво било координирање на некакви активности за наводно прогласување воена или вонредна состојба. Откако беше повикан од страна на претседателот Иванов со цел да го свика кабинетот, Јосифовски се врати на работното место“, соопштија од кабинетот на претседателот.

И во ВМРО-ДПМНЕ велат дека Јосифовски како нивни член е секогаш добредојден во седиштето на партијата. За СДСМ, пак, признанието на Иванов ги потврдува дел од сведоштвата кажани во судскиот процес за 27 април.

Исказите на осомничените и јавно достапните информации покажуваат дека токму во луксузниот дворец, на осмиот кат во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, се координирале активности за бруталниот упад во Собранието на 27 април“, заклучуваат на „Бихаќска“. (Г.А.)