Иванов сака да го ослободи Темелко


Претседателот Ѓорѓе Иванов ја искористи посетата на албанскиот лидер Илир Мета за да притисне за ослободување на градоначалникот на Пустец, Едмон Темелко, кој во моментов е во притвор поради мешањето во изборите во Македонија.Откако ги искористи сите механизми, и законски и незаконски, за да ги запре гонењата од страна на СЈО против функционери и блиски до ВМРО-ДПМНЕ, Иванов се фати за нов метод – здравјето на градоначалникот.

„Претседателот Мета ми се јави и изрази загриженост затоа што станува збор за државјанин на Република Албанија. Неговата здравствена состојба е многу нарушена и многу е тешка така што треба да му се укаже помош и грижа за неговото здравје“, изјави претседателот Иванов на прес конференцијата. Наспроти неговата грижа, албанскиот претседател на прв план го посочи ставот дека секој државјанин треба да ги почитува законите на својата земја, а во случајот со Темелко тоа значи законите на Албанија, но и на Македонија.

– Секој државјанин треба да ги почитува законите на државата чиј државјанин е. Во случајот со Темелко тој има државјанство и на Република Македонија и на Република Албанија. Ја искажав мојата загриженост и на оваа средба и на средбата порано со Џафери. Се работи за јавна личност, за градоначалник на општина, но и за лице кое има лоша здравствена состојба – рече Мета.

Запрашан околу одлуката на Тирана да признае постоење на бугарско малцинство во земјата, Мета одговори дека Албанија се залага за почитување на малцинските заедници, нивниот идентитет и култура.

„Имаше измени на законот, кој ја регулира оваа област и кој беше во согласност со европските стандарди“, порача тој, нагласувајќи дека албанската влада и парламент покажале максимална флексибилност и толеранција во оваа насока, но дека тоа не значи дека ќе охрабруваат дејствија што не се соодветни со реалноста во Албанија околу малцинствата.Тој нагласи дека додека е на функцијата ќе продолжи да се залага лично за македонската заедница во Албанија.

Запрашан во врска со законот за употреба на јазиците кој ја помина првата фаза дали ќе го стави својот потпис кога ќе дојде кај него, Иванов рече дека ќе се произнесе по него откако законот ќе дојде во неговиот кабинет.

– Со внимание ја следев расправата за законот. Кога тој ќе пристигне кај мене ќе се произнесам по него. Тоа мора да биде во согласност со Уставот и законските прописи, рече кратко претседателот.

Иванов на прес-конференцијата посочи дека она што најмногу ги поврзува двете земји се Македонците во Албанија и Албанците во Македонија.

– Констатиравме дека тоа најмногу нè поврзува. На Мета му искажав благодарност за неговата досегашна грижа за Македонците во Албанија, за сите негови напори за унапредување на нивната состојба. Има поединечни случаи кои не треба да се генерализираат и секој пат треба да ја гледаме големата слика и да ги поттикнуваме сите позитивни примери кои ги подобруваат односите меѓу двете земји – рече Иванов.

-Подобро е да го трошиме времето работејќи заедно, давајќи си поддршка едни на други и при тоа сите да имаме придобивка од оваа соработка и взаемно разбирање, отколку да си судиме едни на други за прашања поврзани со минатото. Во оваа насока Македонија и Албанија се пример за соработка во целиот регион – рече Мета.

Претседателот на Албанија изрази особена благодарност за признавањето на Косово од страна на Македонија за што кажа дека не била лесна одлука, но е значајна и неопходна со цел зајакнување на меѓународната соработка и безбедност.