Зијадин Села со лути пораки од САД: Македонските политичари одговараат, албанските заштитени


 

Лидерот на „Алијансата за Албанците“, Зијадин Села, од Соединетите Американски Држави излезе со серија критики за владата на Заев, но и за партијата на Али Ахмети, ДУИ. Тој во интервју за „Гласот на Америка“ на албански јазик испрати неколку пораки до Владата, од која дел засега е и неговата партија.

Запрашан дали верува дека новата владина структура има капацитет да ги реформира судството и правниот систем, да ги постави како што очекува од  Македонија Европската Унија, Села со остри критики на адреса на премиерот Зоран Заев. Имено, според Села, разочарувачки е односот на новата влада која, како што напомена тој, води двојни стандарди, односно иницира истраги против поранешни македонски политичари и функционери кои се осомничени за криминал, додека пак се заштитуваат актуелните албански политичари кои се дел од владата на Заев.

„Јас како дел од Владата ја промовирам и ја поддржувам идејата дека правдата има логика само кога е целосна, а не кога е половична. Во овој период загрижувачки е обидот на новата влада за исправување пред одговорноста на корумпирани и криминализирани лица, кои повторно се делат по етничка линија. За Албанците во Македонија загрижувачки е тоа што одговорност има само за поранешни македонски политичари, а од друга страна, поранешни и актуелни политичари и функционери од албанскиот кампус се заштитени од сегашната влада, со тоа што сите бевме едногласни дека минатиот режим беше составен од два елемента: ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ“, изјави Села.

„Алијансата за Албанците“ и понатаму не попушта кога е во прашање местото министер за здравство во владиниот кабинет на премиерот Зоран Заев. Во овој контекст Села оцени дека секоја спротивна одлука ќе значи несериозност од Заев. Притоа, како што нагласи лидерот на „Алијансата за Албанците“, премиерот Заев преку исцрпување на оваа тема се обидува да ги остави во заборав и да ги замагли другите отворени прашања, а кои се од исклучителна важност за Албанците во Македонија.

„Да, ние инсистираме да го задржиме министерското место во здравството бидејќи е во прашање нашето достоинство. За мене е многу јасно дека оваа тема за министерот за здравство е исцрпена со цел да се покријат некои други албански теми што треба да се отворат во Македонија, како на пример, ако во периодот 2006-2008 година имавме целосна политичка криза за тоа кој треба да ги претставува Албанците, и заедничка констатација, посебно со ДУИ, беше дека Албанците ќе бидат претставени од таа политичка партија која ќе го добие нивниот легитимитет, но по локалните избори се виде дека ДУИ го нема тој легитимитет, но има легитимитет во Владата што го одржува со сила благодарение на СДСМ и другите македонски политички партии“, изјави Села.

Лидерот на „Алијансата за Албанците“, коментирајќи ги односите со партнерот од владината коалиција ДУИ, истите ги оцени како тешки, посебно по локалните избори организирани оваа година.

„За жал, односите со ДУИ по локалните избори се отежнати. Се надевам дека не само со ДУИ, туку и со сите други политички парламентарни албански субјекти ќе направиме сѐ за заедничката албанска парламентарна маса да профункционира. Ова е многу важен механизам со цел Албанците во Македонија да бидат рамноправни и истата да ја хранат и одржуваат. Нормално, по локалните избори имаме ситуација кога заедничката албанска декларација премина во втор план и ова според мене е многу загрижувачко. Наместо да се занимаваме со обврските дадени од нашите гласачи, но и од себеси како политички партии, ние со месеци се занимаваме со тоа кој ќе биде министер за здравство, дали ќе има иле не. Ова за мене не е од голема важност, туку важно е да ги оправдаме обврските и истите да ги реализираме“, рече Села.

Села ја поздрави изјавата на премиерот Зоран Заев во која побара меѓународна истрага за случајот „Диво Насеље“.

„Ние како народ имаме една поговорка: Од речено до сторено има цела река. Нормално дека изјавата на премиерот Зоран Заев е за поздравување, дека е потребна меѓународна истрага, но се разбира дека сега ќе чекаме ќе произлезе од таа изјава. Нормално дека меѓународна истрага за тој случај имаат побарано многу политички чинители во Македонија, меѓу кои сме и ние. Но пред да побараме меѓународна истрага, ние треба да ја докажеме подготвеноста да се појавиме како сведоци тогаш кога политичките фигури ќе бидат повикани да сведочат за настаните во Куманово. Не можеме да речеме дека овој случај има праведна судска разврска, напротив, тоа течело со многу тенденции и не се откриени организаторите. А се знае кои се организаторите. Ако се вратиме назад во времето кога се случи тој настан, организатори се поранешниот режим ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ. Сега останува да се пронајдат лицата што беа дел од тој режим, а го оркестрираа настанот во Куманово“, изјави лидерот на „Алијансата за Албанците“, Зијадин Села.

Говорејќи за преговорите за изнаоѓање на решение за прашањето за името на Македонија со Грција, Села изјави дека за Албанците неприфатливо е новото име да биде „Славомакедонија“ бидејќи Македонија е држава која подеднакво им припаѓа на сите што живеат во неа. За предлог-законот за употреба на јазиците, Села рече дека истиот уставно и максимално ја дозволува употребата на јазикот, односно, според Села, албанскиот јазик се употребува во сите институции, локална или централна власт. Моменталната дефиниција во постојниот закон за употреба на јазиците, каде што албанскиот јазик е ставен под параграфот „јазик кој го зборуваат најмалку 20 отсто од населението, а не е македонски“, за Села и „Алијансата за Албанците“ е неприфатлива.

Блерим Исмаили