Зијадин Села бара итно менување на Бујар Османи


Премиерот Зоран Заев, веднаш да го разреши Бујар Османи со оглед на сериозноста на покренатите обвиненија против него за злоупотреба на државни пари во 2010 година, додека беше министер за здравство, бара партијата на Зијадин Села, Алијанса на Албанците.

Тие преку писмено соопштение ја поздравуваат истргата против вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, со кое, како што пишуваат во дописот, се означува отворањето на првиот значаен случај против функционер на Демократската унија за интеграција (ДУИ).

„По овој обвинителен акт, Бујар Османи нема морален легитимитет да ја води агендата за европски интеграции, ниту стратегијата на владата за спроведување на приоритетите на итни реформи за ЕУ кои произлегуваат од Пржинскиот договор, кои во главно се однесуваат на реформите во секторот за правда и борбата против корупција. Неговото понатамошно вршење на функцијата сериозно би и наштетил на независноста на судството, имајќи го во предвид високото ниво на политичко мешање во судството, наведени и во сите неодамнешни независни проценки од страна на Европската комисија и Европскиот парламент. Бујар Османи треба веднаш да биде разрешен за да им овозможи на судиите да бидат во состојба да донесуваат одлуки без политичко мешање и притисоци“, стои во соопштението.

Понатаму од Алијансата на Албанците велат дека ДУИ владее со земјата заедно со ВМРО-ДПМНЕ цела деценија, со корупциски скандали од широки размери, политички мотивирани и монтирани случаи против невини Албанци.

„Имунитетот кој што корумпираните функционери на ДУИ го уживаат владата на Заев предизвика значителна недоверба во судството меѓу граѓаните, како што е наведено и од страна на ОБСЕ во својот прв извештај за евалуација на работата на Специјалното обвинителство. Ова, како и секојдневните корупциски скандали на вицепремиерот Кочо Анѓушев и неколкумина други министри, го објаснуваат во голема мерка во резултатот на референдумот од 30 септември за Преспанскиот договор, бидејќи граѓаните се повеќе чувствуваат дека новиот режим базиран врз корупција и клиентелизам го заменува стариот режим“, стои во соопштението.

Тие велат дека ако Заев не реагира сега ќе се поткопа довербата од граѓаните во спремноста на владата за интеграција во НАТО и ЕУ.