Зимерман: Посакувам вашата земја наскоро да стане 30. членка на НАТО


Вашата земја не само воено, туку и политички е мошне важна за мисијата на НАТО во Авганистан „Одлучна поддршка“, бидејќи секоја членка е дополнителна вредност. Посакувам вашата земја наскоро да ги преземе сите потребни чекори и мошне брзо да се приклучи кон Алијансата, како нејзина 30. членка.

Ова го порача денеска во Кабул високиот цивилен администратор на НАТО за Авганистан Корнелуис Зимерман, по средбата во Централната команда на мисијата во Кабул, со македонската министерка за одбрана Радмила Шекеринска, која е во посета на македонскит контингент во „Одлучна поддршка“.

Двајцата соговорници на средбата разговарале за состојбата во Авганистан и можностите кои се отвораат за политичко решение на кризата во земјата, која трае веќе 17 години.

–  Евидентна е вашата посветеност на мисијата на НАТО во Авганистан. Вашите сили придонесуваат на мошне важен начин во мисијата за тренинг, асистрирање и советување на авганистанските сили, рече Зимерман.

Шекеринска истакна дека на средбата разговарале за за политичките проблеми и политичката ситуација во Авганистан во момент кога се отвора можноста за конечно изнаоѓање на политичко решение за кризата.

-Земјите-членки на НАТО ја поддржуваат ова мисија долги години и сега прв пат постои шанса за политички дијалог, политички преговори, кои можат да предизвикаат пресврт во состојбата. Добивме голема и силна благодарност заради нашиот постојан ангажман, рече Шекеринска.

Потсетувајќи дека Македонија е една од државите кои од самиот почеток на НАТО мисиите во оваа земја се ангажирала да го даде својот придонес, таа истакна дека земјата продолжува со тој ангажман.

-Тоа е најдобриот начин Македонија да покаже што има да понуди и да добие сили кои ќе ја гарантираат и нејзината безбедност, изјави Шекеринска по средбата со Зимерман.

Таа за време на посетата на Централната команда, каде беше пречекана од пречекана од 27-мината припадници на АРМ, кои служат таму – тројца штабни офицери и 24 припадници на Единицата за заштита на силите.се сретна и со командот на „Одлучна поддршка“, американскиот генерал Остин Милер.

Министерката Шекеринска во Кабул пристигна изутрината, а беше пречекана на аеродромот „Хамид Карзаи“ од командатот на македонскиот контингент, полковник Кенан Рахиќ и 12-мината македонски припадници во Командата за обука, советување и асистенција – Главен град (КОСА-ГГ), која дејствува во рамки на аеродромот, како и од деветмината припадници на контингент од КОСА- Север, кои од Мазар-е-Шариф дојдоа тука за посетата на Шекеринска.

Македонскиот контингент, како што јави известувачот на МИА од Кабул, има 49 припадници, а Македонија во НАТО Мисијата „Одлучна поддршка“ се приклучи од самиот нејзин почеток, 1 јануари 2015 година. „Одлучна поддршка“ е неборбена НАТО мисија посветена на обука, советување и помош на авганистанските национални сили за одбрана и безбедност. Таа беше лансирана по завршувањето на претходната НАТО Мисија во Авганистан, ИСАФ.