Зетови, сестри, внуци на функционери во државни фирми


Од јуни 2017 година досега, во М-НАВ се вработени над 30 лица. За дел од нив веќе исплива чии се. А, тоа само ја потврдува констатацијата дека многу им е тешко на политичарите да останат доследни на ветувањата од опозиција дека ќе се борат против непотизмот откако ќе станат функционери.

Вработувањето во М-НАВ, акционерско друштво во државна сопственост, кое се грижи за безбедно одвивање на воздушниот сообраќај, е престиж. Не толку од стручен колку од финансиски аспект. Оти, како компанија што не се финансира од македонскиот буџет туку од таксата за прелети, исплатува неколкукратно повисоки плати од македонскиот просек. Колкави се точно, од М-НАВ не одговараат. И тоа е константа не само за оваа постава на друштвото туку за сите. Објаснувањето е дека се плашат за личната и семејната безбедност кога јавно ќе се знае дека земаат висока плата.

Ама стравот очигледно не беше пречка зетот за сестра на актуелната министерка за правда Рената Десковска да биде избран за претседател на УО на М-НАВ. Од контролор, Николче Тасески стана прв човек во М-НАВ. Тој ги потпишува решенијата за прием на нови работници. А, вработените велат дека многу е тешко да се дознае кој сè е вработен во компанијата, зашто имиња на примени на огласите не се објавуваат јавно.

Во М-НАВ се вработени и роднина на министерот за земјоделство, син на директорот на еден од социјалните фондови, сестрата на еден од вицепремиерите, внуците на директорот на телекомуникацискиот оператор кој е и висок претставник на ДУИ, синот на пратеничка од истата партија.

Кога се распишува оглас за вработување во М-НАВ, никој не прашува за услови туку за кого е, велат наши извори од компанијата. Во М-НАВ во изминатава година и половина беа вработени уште и Абедин Зимбери, поранешниот пратеник од Нова демократија и полицискиот генерал Стојанче Ангелов од Достоинство. М-НАВ лани, по 15 години, првпат распиша транспарентен оглас за школување, а потоа и вработување на контролори на летање.

Инаку, ќерката на независната пратеничка Емилија Александрова од неодамна е вработена во Фондот за иновации и технолошки развој. Министерот за економија Крешник Бектеши,пак, пред новинарите го бранеше вработувањето во МЕПСО на неговата сестра.

„Мојата сестра е мажена, не живее со мене и секако таа има право да најде работа. Мојата сестра е доктор по правни науки, има завршено во Италија и секој граѓанин има право да конкурира. Јас сум министер за економија, а МЕПСО е во надлежност на Министерството за транспорт и врски. Немам како да влијаам и не би влијаел за никакво вработување. Но, тоа не значи дека мојата сестра или моите роднини немаат право да конкурираат по јавни огласи само затоа што се мои роднини“, изјави Бектеши.

Во МЕПСО од неодамна е вработена и ќерката на Невзат Бејта, поранешниот градоначалник на Гостивар од ДУИ, а во државната компанија ЕЛЕМ се вработија ќерката на собранискиот спикер Талат Џафери и синот на Мирослав Грчев.  (А.С.)