„Зелена лупа“: Ќе бараме азил во Унгарија за сите жртви од времето на Груевски


Граѓанското здружение „Зелена лупа“ преку соопштение  ги повика сите кои биле обесправени за време на владеењето на претходната влада да ги посетат канцелариите на здружението за да им помогне околу документацијата и информациите како да побараат азил од Унгарија.

„Почитувани жртви на правосудниот систем од времето на ‘жртвата’ Никола Груевски. Здружението ‘Зелена Лупа’ ве повикува сите вас: што бевте апсени со специјалци на брутален начин; што ви беше нарушена презумпцијата на невиност; што ви носеа монтирани сведоци; што ви местеа вештачења; што лежевте во притвор без основа; што не добивте фер судски процеси; што ве осудија без докази а по нарачка; што имате затворски казни за долежување, што лежите во затвор во моментов а имате право на излез или викенд; што трпите последици од судски неправди; сите вие што чувствувате потреба од правда која ви била украдена и одземена во времето на Грујо.

Ве повикуваме да се јавите на бројот 02 60 90 124 или да ги посетите канцелариите за Здружението „Зелена лупа“. „Зелена лупа“ ќе ви помогне околу документација и информации како да побарате азил од демократската Унгарија. Сите ќе бараме ист третман за постапка за азил како и Никола Груевски! Демократската Унгарија ќе постапи на ист начин со сите нас како и со Никола Груевски!“, се вели во соопштението на „Зелена лупа“.