Зелена лупа: Судскиот совет за одговорноста на судиите да одлучува без притисоци


Здружението Зелена лупа ги охрабрува членовите на Судскиот совет на Република Македонија на седницата  закажана на 13 јуни, на која треба да се разгледаат иницијативите за одговорност на судии да одлучат без никакви притисоци и исклучиво почитувајќи го законот и фактите за сторените повреди во судските постапки од страна на судиите.

– Почитувањето на законите е основен предуслов за владеење на правото, а судската власт мора да претставува постулат во делот на почитување и примена на законите, наведуват во соопштението од Здружението Зелена лупа.

Потсетуваат дека на 26.09.2017 година поднеле иницијатива за одговорност на судии до Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност на судија, кој го прифати Извештајот на Комисијата и истиот поднесе Барање за поведување постапка за утврдување на одговорност поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција до Судскиот совет на РМ против судии на Врховниот суд на РМ за случајот Сеад Кочан.

– Во постапка при определување, продолжување или укинување на мерката притвор се донесуваат одлуки во вид на решенија. Против таквите решенија единствено е дозволена жалба до советот на првостепениот суд (за определување на мерка притвор), а во останатите случаи жалба е дозволена до советот на второстепениот суд, која одлука е конечна, велат од Зелена лупа.

Според член 439 од ЗКП, против пресуда на второстепениот суд е дозволена жалба до судот што одлучува во трет степен само во следните случаи, ако второстепениот суд изрекол казна доживотен затвор, или ако ја потврдил пресудата на првостепениот суд со која е изречена таква казна. Во случај второстепениот суд да донел пресуда врз основа на одржаната расправа и ако второстепениот суд ја преиначил пресудата на првостепениот суд со која обвинетиот е ослободен од обвинението и изрекол пресуда со која обвинетиот се огласува виновен.

За жалбата против второстепената пресуда, како што посочуват од Зелена лупа, решава судот од трет степен на седница на советот согласно со одредбите што важат за постапка во втор степен. Пред овој суд не може да се одржи расправа.