Здравството покажа дека може да функционира


Вероника Мароска-Леова

Седми ден по автобуската несреќа кај скопското село Ласкарци, четворица од повредените уште се борат за живот, дишат преку механичка вентилација. Дел од повредените заминаа дома кај своите семејства, дел ќе заминат денеска, други деновиве, меѓутоа 15-те загинати никогаш веќе нема да го пречекорат семејниот праг. Со превртениот автобус како да се превртевме буквално сите, не само патниците, прво локалното население кое помагаше да се извлечат патниците и да ги превезат до болниците, здравствените работници, граѓаните кои за трагичниот настан дознаа преку медиумите.

Тагата, болката, лелеците, плачот уште одѕвонуваат кај семејствата на загинатите, повредените… Во спасувањето најпрво се вклучија граѓаните. Не штедејќи ја својата хуманост, покажаа човечност – која најмногу ќе ја паметат повредените кои на дел од трагедијата се сеќаваа легнати на болнички кревет. Несреќата се случи околу 17 часот кога автобусот сопственост на фирмата „Дурмо турс“ излета од патот. И покрај хроничен недостаток на медицински кадар и амбулантни возила, во рок од 15 минути по информацијата беа целосно активирани сите служби. Ова покажува дека во оваа трагедија здравствениот систем не потфрли туку и дека реагираше зачудувачки добро, но и дека е очигледна потребата од поголем број амбулантни возила и кадар во болниците. Од Здравствениот дом кажаа дека кога поканата била примена во 17 и 3 минути веднаш биле испратени три возила и екипи на Брза помош бидејќи тие биле во пунктот, а потоа уште две, па три, на терен веќе биле во 17 часот и 16 минути.

Брзата помош во Скопје располага само со девет возила, меѓутоа речиси секој ден по некое откажува и се поправа. На местото на несреќата екипи на Брза помош пристигнаа и од Гостивар и од Тетово, а за Скопје да не остане без ниту едно возило биле испратени екипи од Велес и Куманово. Министерството за здравство распиша тендер за набавка на 12 возила за Брза помош, од нив шест ќе бидат за Скопје, другите ќе бидат распределени во другите градови.

Здравствените власти, по дознавањето за несреќата, за 15 минути направија цел нов систем, го поставија во функција на кобниот ден. И функционираше.

Во болниците се приспособуваа празни места да ги хоспитализираат повредените – само во Градската општа болница „8 Септември“ беа испразнети и ставени во функција 40 кревети. Иако недостига персонал во болниците, веднаш по веста за несреќата, осумдесет отсто од него беше на работа. Министерот за здравство Венко Филипче тврдеше дека за 15 минути се организирал системот за работа. Во ГОБ „8 Септември“ медицинските сестри и болничарите останале на работа и по две или три смени, затоа што недостига токму ваков кадар. Со денови не замина дома и медицинскиот кадар од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, а во моментот на несреќата во Ургентниот центар биле присутни 18 хирурзи, седум анестезиолози, на работа биле и специјализанти, болничари, сестри, лекарските тимови. Сите тие направија сè и дадоа сè од себе за да им помогнат повредените од несреќата да закрепнат.

Додека здравствените работници прават натчовечки напори да се подобри здравствената состојба на повредените, се отвораат прашања на кои треба да одговорат надлежните, да се спроведуваат зајакнати и почести контроли на превозниците кои имаат лиценца за работа, и да се прави ригорозен преглед на автобусите и комбињата кои секојдневно превезуваат патници во градовите во државава и надвор од неа.

Вистината за несреќата ќе се дознае по истрагата. Обвинителството соопшти дека дел од повредените по нивното закрепнување веќе дале исказ. Останатите ќе се повикуваат на сослушување во текот на неделата, ама не само тие туку и очевидци. Ќе мора да се почекаат сите извештаи, како обдуктивните протоколи, извештаите од Машинскиот факултет од автобусот и од Бирото за судски вештачења, целокупниот материјал од сослушувањето на сите сведоци, медицинската документација и документацијата од лекувањето, од друштвото кое вршело превоз, од техничкиот преглед на автобусот. Обемниот материјал веројатно ќе треба да се обработи подолго време.

Тоа е она што се однесува на откривањето на причините зошто дошло до несреќата. За другите работи од функционирањето на системот за вакви ситуации ќе треба повеќе време и подетални анализи за протоколите за брза акција да бидат почитувани. Преовладувачко мислење е дека здравствениот систем и другите надлежни за справување со вакви несреќи (како пожарникарите) во оваа трагедија реагираа добро и брзо. Оваа реакција на треба да биде основата за понатамошното унапредување на системот – особено со нови болнички и пожарникарски возила. Затоа, сега многу добро се виде дека секој миг е драгоцен за да се спаси нечиј живот.