За шимпанзата имаме дури и списанија


Коко, заедно со уште три шимпанза, на почетокот на идниот месец се враќа во Скопската зоолошка градина. Во моментов се завршуваат последните градежни работи на нивното живеалиште. Ќе биде вистински стан, со отворен и затворен дел, со засебна дневна и спална соба, како и со посебен дел за хранење. Во текот на овој месец ќе биде направена и контрола од прифатилиштето ААП од Холандија каде што живеат шимпанзата.

„Коко ќе дојде со уште едно машко и две женски шимпанза. Обезбедени им се најдобри услови за живот, како што налагаат строгите критериуми на ААП. Речиси сè е подготвено, купуваме дури и списанија бидејќи ни кажаа дека женките сакаат да разгледуваат списанија“, велат од Зоолошката градина.

Нашето шимпанзо Коко во Холандија помина речиси една деценија. Таму замина за да се излечи од депресијата од самотничкиот живот. Сега е ресоцијализиран и излечен, а животот ќе го продолжи во друштво.