За Хан законот за јазиците не е приоритет


Еврокомесарот Јоханес Хан ги олади македонските функционери на прес конференцијата порачувајќи им дека владата има многу приоритети што треба да ги исполни за да ја добие препораката, но новиот закон за јазиците не е меѓу нив.

„„Станува збор за разумно барање. Власта треба да им даде приоритет на областите што ќе бидат позитивни за земјата. Ако законот за јазиците се усвои наредните неколку недели, врз основа на препораките од Венециската комисија, за Европската комисија тоа е прифатливо. Но, владата и другите фактори треба да се фокусираат на законите и на условите што се релевантни за препораката за започнување на преговори, а законот за јазиците не е тоа“, порача Хан на прес конференцијата со премиерот Зоран Заев.

Тој дополни дека е важно владата да работи на тоа што е потребно да се исполни веднаш и, ако прави приоритети, тие да бидат околу националниот интерес.
„Ако се усвои законот за јазиците во наредните неколку недели, врз основа на препораките од Венециската комисија, тоа е добро, но важно е Владата и другите фактори да се фокусираат на законите условите кои што се релевантни за добивање позитивна препорака од Европската комисија, а законот за јазиците не е дел од она што е договорено во овој контекст“, изјави еврокомесарот Јоханес Хан по денешната средба со премиерот Зоран Заев.

Тој ја повика и опозицијата да ја одигра својата улога и да биде одговорна, бидејќи ако се работи за евроатлантска перспектива на земјата и ако тоа е национална цел, тогаш, како што рече, очигледно е дека целта може да се постигне ако сите одат во ист правец.

„Ја поттикнувам, особено опозицијата да ја одигра својата улога. Опозицијата има улога да биде критична, но барам да бидат конструктивно критични за да се постигнат сите рокови и датуми за да се постигне потребниот напредок“, изјави Хан.Лично оцени дека неговата мисија ќе биде постигната ако земјава ги почне преговорите за членство.

„Постигнавме многу, но сега е важно да се истрча последниот километар или половина километар за да се заврши маратонот. Сакаме на почетокот на следната година тоа да се случи за да се овозможи следниот чекор, да одиме со препораката“, додаде Хан.

Заев ги презентираше сите постигнувања во пакетот реформи што ги бара од нас Европската унија, од правосудството, медиумската сфера, администрацијата и безбедносните служби и изрази очекување, па желба Македонија да се најде во стратегијата за регионот што ЕУ ќе ја презентира во фебруари идната година и да стане членка на Унијата пред 2025 година. Притоа најави дека пакетот реформи на судскиот систем ќе биде усвоен до крајот на годината и дека ќе се преземат активности за деполитизација и професионализација на јавната администрација. За да го убеди Хан дека владата посветено работи, тој спомена дека „во голема мерка соработува и остварува коабитација со институцијата претседател“.

-Има промени во земјата кон напредок, служите како пример во регионот. Се надеваме дека на почетокот од следната година ќе се овозможат услови за позитивна препорака за следниот чекор во преговорите. Сега сме повеќе сигурни од минатото дека нашите држави членки ќе дадат одобрување за ваква препорака. Работите одат во добра насок, но треба уште да се работи. Реформи на разузнавчките служби, судството, администрацијата, потребни се конкретни резултати – рече Хан.

Еврокомесарот испрати порака и до опозицијата, дека треба да биде конструктивна во исполнување на националните интерси. И порача и дека не е наивен.

-Важно е и опозицијата да ја одигра својата улога и да биде одговорна. Не сум наивен иако се трудам да ја зачувам наивноста. Ако евроатланската перспектива е цел од национално значење и ако е тоа национален интерес, очигледно е дека целта може да се постигне доколку сите одат во ист правец. Затоа сите опозициски партии ги потикнувам да ја одиграат својата улога. Нивната улога е да бидат дополнително критични, но и конструктивни за да се постигнат сите рокови и датуми со цел да се постигне потребниот напредок – порача тој.