За турбофолкерите немаше акција, се журкаа до разденување


Македонската полицијата во саботата навечер изврши акциска контрола во седум угостителски објекти – дискотеки кои се лоцирани во Градскиот парк во Скопје. Во акцијата извршена од страна на СВР-Скопје во координација и содејство со Државниот инспекторат за труд, Управата за јавни приходи и Државниот пазарен инспекторат, биле легитимирани 21, а приведени три лица.

Очевидци и присутни во дел од дискотеките во кои се спровела акцијата за „Независен весник“ раскажуваат дека полицијата била невообичаено вооружена, а целата ситуација наликувала на сцена од акционен филм. Од полицијата не соопштија точно кои се тие седум угостителски објекти, но за три од нив се дозна од сопствениците и присутните гости. Интересен е фактот дека од седум „прочешлани“ дискотеки, во три од нив имаше техно-забава со домашни и странски диџеи, додека пак во една од поголемите дискотеки во центарот на Градски парк, каде што имаше турбофолк-забава до разденување, полицијата воопшто не спровела контрола.

„Бевме во клуб каде што музика пуштаа техно-диџеи, но околу еден часот по полноќ влегоа униформирани вооружени лица и побараа да се изгасне музиката, а гостите не знаејќи за што станува збор почнаа да излегуваат надвор и забавата така беше завршена. Бидејќи бевме излезени да прославиме роденден, продолживме во соседната дискотека, иако не знаевме каква забава има таму. Само што влеговме, на сцената се искачи турбофолкерката Ивана Селаков и ја поздрави публиката со ‘Добро вече Скопје, сад чемо да џускамо’. Сакавме веднаш да ja напуштиме, но другите пријатели ни јавија дека и во останатите два клуба каде што имаше техно-забава веќе има полиција. Решивме да останеме тука каде што сме и забавата траеше подоцна од 4 часот, полиција не дојде“, раскажува една скопјанка за „Независен весник“.

За акцијата и за тоа што полицијата демонстрирала сила со влегување до подиумите и диџеј-кабините со оружје се огласија и голем број македонски диџеи. Зоран Ристевски или попознат како Зоки Бејбе реагираше меѓу првите уште во текот на вечерта.

„Во време кога клупската култура е предмет со кој се занимаваат студиозно на сите нивоа државите структури за промоција на своите метрополи во сериозни центри со вибрантен и богат ноќен живот или во превод клабинг, кај нас се прават инспекциски претреси кои целосно изгледаат како рации. Брутално! Сликата и штетата за сите и за градот Скопје е повеќе од трагична. Музика во клуб да се исклучува за рутински контроли е повеќе од бизарно. Зошто сè мора да изгледа вака и зошто нема тековна комуникација. Клабингот е музичка култура која инволвира сериозна креативна популација која буквално живее од оваа уметност и професија. Конечно, што е со стресот кој им се случува на полнолетни луѓе кои дошле да танцуваат на диџеј-сет. Инсистирам да се доближи природата и значењето на една врвна културна сцена која во Македонија постои од раните ’90 и која е корисна за сите аспекти на културниот живот. Ноќ каква една метропола не смее да си дозволи да се повтори!“, напиша Зоки Бејбе на Фејсбук.

Се огласи и сопственикот на дискотеката „Сектор 909“, Огнен Узуновски, кој беше приведен во текот на акција.

„Татко ми вика цел живот: Сине, ќе те учи работата, така што сигурен сум дека е во право ‘ќе нè учи работата’. Јас, Огнен Узуновски, не се чувствувам како криминалец и ‘Сектор 909’ не е само обична дискотека, туку е начин на живот. Не можете да нѐ сопрете, тука има многу љубов. Со ова вечерва, сами вие треба да размислите дека ако ‘нема правда нема мир’“, напиша тој.

Извршната директорка на Хелсиншки комитет, Уранија Пировска, ги повика сите сопствениците на дискотеките и присутните на акциите да се обратат до Комитетот со изјава.

„Постојат правила и стандарди за примена на мерки за присилба! Хелсиншкиот комитет ќе бара одговори за потребата да се демонстрира сила со огнено оружје во дискотеки полни со луѓе! Ќе се постави прашањето на командна одговорност! Кој ја дал наредбата и зошто? Полицијата постои да ги заштитува граѓаните и да постапува во рамки на дозволена и неопходна примена на сила и мерки за присилба, секогаш заради обезбедување на сигурност и безбедност!“, изјави Пировска.

Пристигна и официјалното соопштение од МВР во кое се вели дека СВР-Скопје легитимирале и ги привеле А.И.(25) од Скопје кој бил присутен како гостин во угостителски објект и кај истиот при личен преглед е пронајдено огнено оружје -пиштол „берета“ со рамка со 10 (десет) куршуми, И.Р (33) од Скопје, кој бил присутен како гостин во угостителски објект и кај истиот при личен преглед е пронајдено пакување со непозната прашкаста материја и О.У (44) од Скопје, сопственик на угостителскиот објект, кој одбил да ја почитува наредбата издадена од полициските службеници и се спротивставил на преземање службени дејствија.

„Во еден од објектите се затекнати шест малолетници лица кои се приведени во полициската станица во Карпош заради утврдување на идентитет. Кај пет лица кои работеле како обезбедување било утврдено дека не поседуваат лиценци. Од страна на Државниот инспекторат за труд, во сите контролирани угостителски објекти констатирано е дека работат без соодветна документација за вршење на угостителска дејност издадена од Министерство за економија на Македонија, додека од страна на УЈП во два угостителски објекти констатирана е разлика во прометот во готово и прометот во фискалните каси, по што на истите им е изречена забрана за вршење дејност во траење од 15 дена. Регистрирано е и едно кривично дело напад врз службено лице при вршење на работи од безбедноста, при што се повредени двајца полициски службеници“, стои во соопштението.

Како што информира МВР, при приведување поради сомнение за претходно нарушен јавен ред и мир, лицата С.М. (34) и Б.С. (18), двајцата од Скопје физички ги нападнале униформираните полициски службеници, при што им нанеле телесни повреди. Лицата се лишени од слобода и против истите ќе биде поднесена кривична пријава по член 383 од КЗ на Македонија.

За спроведувањето на акциските контроли, како што информираат од МВР, направена е претходна проценка за бројот на присутни лица, како и околностите во кои тие се спроведуваат, заради што се ангажирани соодветен број полициски службеници кои постапувале согласно процедурите и законските одредби. Доколку се воочат евентуални недоследности, Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди ќе преземе соодветни мерки.

(И.Н.)