За парно ќе плаќаме толку колку што сме потрошиле


Граѓаните ќе плаќаат парно толку колку што потрошиле, а не по квадратурата. Секое домаќинство ќе треба да постави мерачи на секој радијатор за да може да се измери колку топлинска енергија потрошило.Ова го предвидува новиот закон за енергетика, што Владата го претстави минатата недела.

Трошокот за поставување на мерачите ќе биде на товар на граѓаните бидејќи се работи за внатрешна инсталација, што ќе биде дополнително оптоварување за секое домаќинство. Според пресметките, еден мерач чини околу 50 евра, а за да се постави на секој радијатор еднократниот трошок би бил и до 300 евра од домаќинство, во зависност од бројот на радијатори што ги имаат.

Во законското решение, кое се очекува да биде донесено во Собранието до март следната година, сѐ уште не е прецизирано дали граѓаните во текот на целата година, како што е случај сега, ќе плаќаат сметки за парно со пресметан фиксен трошок или само за време на грејната сезона.

Во членот 155 во законот се вели дека секој објект што се приклучува на системот за дистрибуција на топлинска енергија, а кај кој се врши испорака на топлинска енергија преку еден мерен уред на повеќе потрошувачи, ќе мора да има вградено уреди за мерење на локалното распределување на топлинската енергија.

– Уредите врз основа на кои се врши локално распределување на топлинската енергија помеѓу различни крајни потрошувачи во еден објект за кој има еден мерен уред се составен дел од системот за мерење на потрошена топлинска енергија во објектот и се во сопственост на крајните потрошувачи – се вели во законот.

Според Константин Димитров од Центарот за енергетска ефикасност на Македонија (МАЦЕФ), кој воедно е еден од креаторите на новиот закон, оваа новина ќе биде значително оптоварување за граѓаните.

– Сите корисници треба да вградат мерачи на потрошувачката на топлинска енергија. Додека кај електричната енергија и гас тие мерни инструменти се обврска на снабдувачот – на операторот, овде граѓаните треба сами да си ги платат.Тоа е значително оптоварување, приближно по 50 евра за секој радијатор, така што таа дополнителна инвестиција би била од 200 до 300 евра по домаќинство – смета Димитров.

Според познавачите на состојбите, ваквиот начин на пресметка на потрошената топлинска енергија ќе донесе повисоки сметки за парно за граѓаните. Потрошувачката, која сега не е регулирана со мерачи, е распределена низ целата зграда и се плаќа паушално и во текот на целата година, но штом ќе биде тоа регулирано, сметките на граѓаните, посебно за време на зимскиот период, ќе бидат енормно зголемени.

Сепак, како ќе функционира системот, како ќе се пресметуваат сметките и колку време ќе биде потребно сите домаќинства да постават мерачи дополнително ќе треба да биде утврдено со правилници откако ќе биде донесен законот и откако ќе стапи во сила.

Она што не е регулирано во новото законско решение е како ќе се третираат оние што се исклучени од системот за парно греење, дали и тие ќе треба да постават мерачи на радијаторите, иако не трошат топлинска енергија и дали сѐ уште ќе плаќаат сметки за паушал за парно греење.

Групата граѓани, кои со години веќе секоја сабота протестираат пред Регулаторната комисија за енергетика, побараа да се реши нивниот проблем со овој нов закон. Според нивните информации, околу 15 илјади семејства плаќаат паушален надоместок, а не користат парно греење.

Александра Спасевска