За оптимизмот и скептицизмот во однос на името


Ѓорѓи Спасов

Кога во животот некоја работа не зависи исклучително од тебе, туку и од волјата на друг, тогаш можеш да бидеш оптимист, да посакуваш и да правиш сѐ за таа работа да биде завршена, но тоа може и да не се случи. Ова е многу важно да се знае во врска со разговорите што Македонија ги води со Грција околу надминувањето на разликите околу името. Може да се случи и покрај сите отстапки направени од страна на Македонија до сега, и покрај преземањето чекори за отстранување на сите елементи кои Грција ги смета за закана со иредентизам од наша стана кон неа, таа да не се согласи Македонија да стане членка на НАТО и на ЕУ.

Во пресудата на судот во Хаг, впрочем, јасно се кажани две нешта. Првото е дека Грција и покрај потпишаната времена спогодба, чие почитување треба да биде гарантирано од страна на Обединетите нации, не ја почитуваше одредбата во која стои дека таа нема да ја попречува интеграцијата на Македонија во меѓународните организации под референцата ФИРОМ. А, второто е дека од македонска страна не постои однесување што може да биде оценето како иредентистичко кон Грција. Непочитувањето на оваа пресуда од страна на Грција и блокирањето на влезот на Македонија во НАТО и во ЕУ во изминатите десет години, ѝ нанесоа на Македонија големи штети во нејзиниот економски и политички развој. Таквото однесување го осоколи македонскиот национализам, овозможи да бидат засилени авторитарните тенденции во политичкиот живот поради затвореноста на земјата и доведе до намалување на надежта на граѓаните за евроатлантско интегрирање на Македонија. Оттука Грција е во право кога тврди дека од нерешавањето на овој проблем поголеми последици трпи Македонија, а не Грција, и дека од Македонија, а не од Грција се очекува да направи поголеми отстапки во изнаоѓањето на заемно прифатливо решение.

Заев е првиот премиер во независна Македонија, кој врз основа на сетот идеи на амбасадорот Нимиц, јавно се согласи: времената спогодба со која се регулираат меѓусебните односи меѓу Македонија и Грција да се претвори во трајна и во тој, реално, договор за добрососедство и пријателство меѓу двете земји Македонија да прифати наместо сегашната референца поранешна југословенска Република Македонија, нашата земја во меѓународната комуникација да го користи името со географска одредница, кое јасно ќе ја разликува земјата од регионот Македонија и од историската античка Македонија. Таквата промена би се направила преку донесување нова резолуција на ОН, што е највисок вид гаранција за Грција во однос на името и на можниот иредентизам. Во графата на Обединетите нации за нашата земја, како и досега би останал јазикот македонски, меѓународниот код за нашата земја МК и МКД, а како што предлага амбасадорот Нимиц, ниту една од двете земји не би имала ексклузивно право да ја користи придавката „македонски“ за производите во трговската размена. Во графата државјанство би стоело државјанин на, да кажеме, Република Македонија – Скопје или како веќе ќе биде договорено.

Заев јавно говори дека за македонскиот етнички и национален идентитет не се разговара бидејќи тој идентитет е лично чувство на секој поединец на секоја етничка заедница и право на самоопределување и не може тоа да биде предмет на преговори или да биде октроирано од некого. Иако се чини дека ова е еден пакет што би ги задоволил сите барања на Грција, сепак, од Грција преку медиумите пристигнуваат и нови. Меѓу нив се оние дека треба името на Македонија со географската одредница да се пишува заедно, во смисла „Горнамакедонија“, па потоа тоа да биде непреведливо на странски јазици, дека тоа име треба да го користиме и за внатрешна употреба и дека како услов за членство на Македонија во НАТО треба сето тоа да ѝ го гарантираме на Грција со промена на Уставот. Со ваквите „црвени линии“ на Грција или медиумски пробни балони кои допираат до македонската јавност, во Македонија се поттикнува отпорот кон постигнување договор, им се дава сила на националистичките сили и протести и се смалува надежта за изнаоѓање фер излез.

Секако дека и Ципрас и Заев се под голем притисок на своите опозиции во земјата и на националистичките сили. Во двете земји, националистичките влади и раководства со години го труеја сопствениот народ со националистичките митови, со предрасудите во однос на оној другиот, со стравови од соседите, и ја одржуваа недовербата на едните кон другите, само со цел да опстојуваат на власт како „спасители“. Во Македонија се стекнуваше впечаток дека крајната цел на Грција е да се распадне македонската држава и да исчезнат Македонците како посебна етничка група и нација со свој идентитет. Во исто време во Грција јакнеше убедувањето дека сѐ додека постои држава со име во кое е содржан зборот Македонија и нација која се нарекува македонска не можат да бидат сигурни дека некој не им ја краде историјата и не им ја бара територијата.

Во тој период на долгогодишен балкански национализам во двете земји, како што ќе забележи бугарскиот аналитичар Иван Крстев, во светот се врати геополитиката на сцена. „Денес во светот“, вели тој, „владите и поголемиот дел од јавноста повторно, како по Првата светска војна, се опседнати со прашањата на границите и териториите, а националната гордост станува поважна од економскиот прогрес. Нови геополитички играчи на Западен Балкан стануваат Русија, преку нејзиното влијание врз православните христијани, Турција со своето влијание врз муслиманските заедници и Кина, чии инвестиции, без инсистирање на владеење на правото, во земјите од Западен Балкан ги надминуваат инвестициите на земјите од Европската Унија“. Но, истовремено, тој во својата статија за лондонски „Гардијан“ заклучува: „Креаторите на европската политика треба да знаат дека ако не се реши долготрајниот спор меѓу Грција и Македонија до следниот самит за Западен Балкан во мај 2018 година, тоа ќе биде двоен пораз – крај на амбициите на Македонија и пропаст на напорите на Брисел да биде сфатен сериозно во регионот“.

Во вакви услови и меѓународни околности, премиерите Заев и Ципрас мора да го предводат и да го подготвуваат јавното мислење во своите земји, а не да го следат, и мора да ги имаат предвид можните последици од влијанието на новите геополитички сили на Балканот. Но треба да бидат и реалисти. Во решавањето на големите проблеми многу е важен исчекорот и помрднувањето од мртвата точка. Можеби Грција ќе може да процени колку е поголема користа и за неа од членството на нашата земја во НАТО и во ЕУ од штетата што може да ја има од зголемувањето на влијанието на Русија и на Турција на нејзината северна граница и од сосед кој може да биде вовлечен во територијални спорови ако почнат да се реализираат идеите за промена на границите меѓу Косово и Србија со размена на територии. Грција, која има обврска да ја спроведува заедничката надворешна политика на НАТО и на ЕУ, има шанса да стане лидер и предводник на процесите за стабилизација и евроатлантското интегрирање на земјите од Западен Балкан или од свои егоистички причини да и им го препушти регионот на Русија, Турција и Кина.