За кого ќе навива политичката елита: Заев за Хрватска и Србија, Мицкоски за Германија, Фетаи за Шпанија…


Двете најмоќни политички фигури во земјава имаат различно мислење и кога е во прашање фудбалот – најважната споредна работа на светот. Првите луѓе на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ ќе навиваат за различни репрезентации на претстојното Светското првенство во фудбал, кое од 14 јуни до 15 јули ќе се одржи во Русија. И двајцата жалат што Македонија ќе го пропушти и овој континентален самит, но и Зоран Заев и Христијан Мицкоски имаат свои резервни фаворити и миленици.

„Секако дека ќе ги следам натпреварите, онолку колку што ќе дозволуваат обврските. Тоа е повеќе од фудбал, можност за разонода и во друштво со пријателите да се погледнат најквалитетните репрезентации во светот. Јас сум повеќе регионален играч, така што ќе навивам за двете земји од поранешните југословенски простори: Хрватска и Србија. Хрватите имаат одлична репрезентација и според мене можат далеку да стигнат. Србите важат за аутсајдери, но верувам дека се способни позитивно да изненадат. Доколку ме прашувате кои се главните фаворити, тогаш се знае: Бразил, Аргентина, Германија, Шпанија, Франција…“, вели Заев за „Независен весник“.

И лидерот на опозицијата вели дека едвај чека да започнат натпреварите од Светскиот куп, иако поради работните обврски не е сигурен колку ќе има време до крај да ужива во мајсториите на фудбалските мајстори. За негов, но и за фаворит број еден на Мундијалот го смета актуелниот бранител на трофејот освоен пред четири години во Јужна Африка – тимот на Германија.

„Пред се поради нивната упорност, тактичност и германска прецизност. Но, сепак, конкуренцијата е силна и нека победи подобриот. Се надевам дека ќе проследам дел од натпреварите, односно онолку колку што ќе дозволи времето, со оглед на тоа што во тој период ќе започнам со работното лето, ќе бидам по градовите и селата низ Македонија, ќе имам средби со граѓаните. Во зависност од агендата, ќе се обидам со соработниците да проследам барем неколку мечеви од шампионатот. Се надевам дека во годините што следуваат ќе дојде време кога и македонската репрезентација ќе имаме можност да ја бодриме и заеднички да се радуваме на нејзините успеси на некој од големите фудбалски натпреварувања“, ни изјави Мицкоски.

Фудбалската треска што до средината на јули ќе го тресе светот не ја одминува ниту Македонија. Политичкиот џет-сет во државава, во паузите од преговорите за името, економските проблеми и меѓусебните обвинувања, едвај чека да започнат преносите од вкупно 64 натпревари, колку што ќе треба да се одиграат за да дознаеме кој е најдобар на светот во фудбал.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вообичаено навива за Холандија, но, имајќи предвид дека „лалињата“ се во криза и не успеаја да обезбедат пласман на СП, мораше да пронајде втор фаворит. Изборот не беше тежок за него, го одбра тимот на Швајцарија, каде што помина десетина години од својот живот, а во чиј состав има и неколку фудбалери со албанско потекло.

Поради големиот број играчи од албанско етничко потекло што настапуваат за Швајцарија, за оваа репрезентација навива и лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села.

Со сличен хендикеп како Али Ахмети се соочи и специјалната обвинителка Фатиме Фетаи, која важи за страстен навивач на Италија, репрезентација која, исто така, ќе го пропушти натпреварувањето во Русија. Таа јавно се прокламира како голем навивач на Милан и на „аѕурите“, а присуствувала и на нивни мечеви.

„Се разбира дека ќе го следам Светското фудбалско првенство. Но, за жал, со оглед на тоа што Италија нема да учествува, ќе навивам за Шпанија. Зошто? Затоа што после италијанскиот, најмногу го ценам шпанскиот фудбал“, вели Фетаи.

Вицепремиерот за европски прашања, Кочо Анѓушев ја одбира Германија. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов вели дека поради натрупаните градски проблеми и хаосот што го наследил, едвај има време да погледне надвор од својот сектор, но Светското фудбалско првенство, сепак, е нешто што се случува секои четири години и го маѓепсува целиот свет.

„Во принцип навивам за Бразил и не планирам да го изневерам ниту сега. Сметам дека фудбалот не е само бројка, како што се доживува денеска, туку се игра и за душа, а Бразилците тоа го прават отсекогаш. Порано, додека имаа убави дресови, симпатични ми беа и Англичаните“, потенцира скопскиот градски татко.

Министерот за економија Драган Тевдовски е поранешен фудбалер и вели дека од кога знае за себе ги следи натпреварите од Светскиот куп, но овој пат, поради преголемиот број обврски, ќе мора да ги редуцира мечевите.

„Сегашното темпо не ми дозволува уживање во секој меч, но ќе гледам да најдам време. Вообичаено навивам за репрезентации од регионот, овој пат тоа се Хрватска и Србија, а поради тоа што првото Светско првенство што го следев беше тоа во Мексико во 1986 година, каде што блескаа Марадона и Аргентина, ‘гаучосите’ се мои миленици и ден-денеска“, коментира Тевдовски.

Горан Адамовски