За една година во ЕЛЕМ – 117 вработувања


Пратеничката на СДСМ, Мира Стојчевска вчера, веројатно, доживеа уште изненадување откако дозна дека нејзиниот брат, Целе Велевски, добил вработување во државниот РЕК Битола. Својот прв работен ден го имал во понеделникот, заедно со синот на Стојчевска, Виктор кој доби вработување во ЕЛЕМ. Пратеничката, која се прослави по изјавата за дизел горивата, рече дека немала поим оти нејзиниот син се пријавил на конкурсот во ЕЛЕМ, па сега нејасно е дали и за вработувањето на братот дознала од медиумите.

Заев: Следуваат промени

Скандалите со државните вработувања на роднини на функционери од власта немаат крај. Само еден ден откако министрите Дамјан Манчевски и Рената Дескоска утврдија дека не биле прекршени законите, односно дека членовите на СДСМ една деценија немале пристап до државните јасли, стигна информацијата дека нови вработувања се реализирани по распишувањето на претседателските избори.

Според нашите информации, датумот на вработување на нејзиниот син и брат во Агенцијата за вработување е во саботата, а изборите се распишани во петокот. Првиот работен ден на Виктор и на братот на Мира бил во понеделникот, односно три дена по распишувањето на претседателските избори.Како е тоа можно? Како е можно сите блиски роднини на функционерите од власта токму сега да добијат шанса за вработувања и тоа баш во институциите и претпријатијата каде што платите се многу повеќе од 500 евра?“, прашуваат во ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Зоран Заев, зборувајќи на свеченоста по подигањето на знамето на НАТО пред седиштето на владата, најави дека отсега веќе нема изговори и почнува сериозна работа во поглед на реформите. Вети дека правната држава ќе функционира поеднакво за сите без оглед на банкарската сметка или пријателите.

Следуваат системски промени во однос на тоа како функционираат институциите и општеството. Во институциите ќе нема место за оние кои што со своето работење ја изневеруваат довербата поради лични интереси и привилегии. За сите ќе има подеднакви услови без оглед дали се во партија или не се“, рече премиерот во својот говор, по кој немаше прашања, па јавноста не знае што мисли челниот човек на „Илинденска“ за најновите афери во кои се инволвирани неговите сопартијци.

Од ЕЛЕМ вчера ни одговорија дека Виктор Стојчевски бил вработен на работното место инженер за примена на нови технологии во Сектор за развој и инвестиции.

Платата на работното место е објавена во огласот што е објавен во два дневни весници и изнесува 35.864 денари. На огласот се пријавиле три лица, меѓу кои и избраниот. Изборот го врши генералниот директор и тоа од пријавените кандидати кои ги исполнуваат условите. Кога е во прашање Целе Велевски, тој е вработен во РЕК Битола од понеделник (11 февруари), преку Агенцијата за привремени вработувања на работното место бравар – кранист “, објаснуваат од ЕЛЕМ за „Независен весник“.

Најниска плата 17.000 денари

Државната компанија за производство на електрична енергија важи за институција каде најчесто се вдомуваат блиски на носители на функции. Јавноста е запознаена дека таму работат и Бесиана Џафери – ќерка на претседателот на Собранието, Талат Џафери, како Хидајете Алили – сестрата на министерот за култура, Асаф Адеми.

Хидајете Алили е вработена на работно место: референт во Службата за правни и општи работи во Подружница ХЕС Маврово-Гостивар. Платата за работното место е објавена во огласот кој е објавен во два дневни весници и изнесува 33.643 денари. На објавениот оглас, се пријавиле три лица, меѓу кои е и избраниот работник. Бесиана Џафери е вработена на работно место: одговорен референт за кореспонденција и подготовка на тендерска документација за меѓународни тендери во Сектор за развој и инвестиции. Платата за работното место е објавена во огласот кој е објавен во два дневни весници и изнесува 35.863. На огласот, се пријавиле три лица, меѓу кои е и избраната“, потенцираат од ЕЛЕМ.

Во документите што ни ги испратија од компанијата, се наведува дека во ЕЛЕМ во периодот од август до декември 2017 година, реализирани се две вработувања на неопределено време. Во текот на 2018 година, пак, реализирани се вкупно 117 вработувања на неопределено време, од кои 10 во ХЕС Црн Дрим, 67 вработени во РЕК Битола и 40 вработени во Дирекција на АД ЕЛЕМ. Во исто време, по разни основи, компанијата ја напуштиле 178 лица.

Заклучно со вчера, вработени се 72 лица на неопределено време. Преку Агенција за привремени вработувања во текот на 2018 година беа ангажирани 321 лице. Не ни е познато кои од вработените се лица блиски до функционери на актуелната и поранешната власт. Просечната плата во јануари годинава изнесувала 35.548 денари, најниската 16.988, а највисоката 56.356 денари“, нагласуваат во ЕЛЕМ.

Цицањето од државна цицка ги запали социјалните мрежи, па така се коментира дека „овој народ ќе ги прости двојазичноста, менувањето на името и Уставот, но она што нема да прости е безобразлукот и себичноста“.

Задоволувајќи еден ‘заслужен’, создавате сто непријатели“.„Реформи за јавната администрација – синоним за вработување сдсмовци“. „Овие од владината коалиција сите да ти имале дисфункционални семејства, па никој не знаел дека аплицирале и се вработиле во државни јазли нивни деца, мажи, жени, татковци, мајки, сестри, браќа, снаи. Баџанаци, партнери, љубовници“ – се само дел од реакциите на социјалните мрежи.

Горан Адамовски