За ВМРО – референдум ќе бидат изборите


Во ВМРО-ДПМНЕ и вчера ги повторија барањата за итно распуштање на парламентот, распишување предвремени избори, кои би се одржале заедно со претседателските, и формирање техничка влада што ќе ги спроведе според пржинскиот договор. Иако фокусот им го одвлече службеното објавување за двојазичност на земјава, во партијата ги продолжуваат подготовките за претстојните избори, каде што, според нив, сепак, ќе се гласа единствено за претседател на државата бидејќи „владата на Зоран Заев се крие и не прифаќа соочување со народот“. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, најави дека претседателските избори ќе ги распише на 8 февруари, а ќе гласаме на 21 април и на 5 мај, бидејќи се претпоставува дека ќе има втор круг.

Во белиот дворец и натаму е отворен јавниот оглас за кандидати за наследник на досегашниот шеф на државата, Ѓорѓе Иванов, кому мандатот му завршува на 12 мај. Сè уште траат сондажите и размислувањата во партијата кој да биде нивниот фаворит на изборите. И натаму во игра се имињата што се споменуваат во политичките кругови: Трајко Славески, Гордана Силјановска, Ганка Цветанова, Влатко Ѓорчев, Антонио Милошоски… Се остава простор во последен момент да се одигра со некое друго име од професорската елита.

Во овој момент не размислуваме за бојкот, напротив, уверени сме во победа на нашиот кандидат“, потенцираат во најголемата опозициска партија.

Во партијата стравуваат дека СДСМ ќе ги злоупотреби администрацијата и државниот апарат за свои интереси, поради што внимателно се следи целиот процес. Во партијата се внимателни и кога е во прашање иницијативата на Тодор Петров за собирање 150.000 потписи со цел распишување нов референдум за името, при што прашањето би било: „Дали сте за промена на името на државата Македонија во држава Северна Македонија?“. Петров, кој во 2009 година имаше амбиција да стане кандидат за претседател на државата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, сега ја става партијата во незгодна позиција, имајќи го предвид незадоволството на поголемиот број граѓани од договорот со Грција, но и незадоволството на „странците“ од однесувањето на македонската опозиција за време на целиот процес. Иницијативата на лидерот на Светскиот македонски конгрес без проблем ги мина техничките фази во Собранието, па сега јавноста се прашува дали ВМРО-ДПМНЕ ќе помогне во собирањето потписи.

Нашиот став е јасен и тој не се менува: не се согласуваме со тоа што е договорено во Преспа и ќе сториме сè што е во наша моќ да се променат некои делови. Да не се лажеме, шансите за тоа се мали. Што се однесува до собирањето потписи за нов референдум, сметаме дека претстојните избори, особено доколку бидат и вонредни парламентарни, ќе бидат единствено мерило што мисли народот за тоа што Заев ѝ го прави на Македонија“, нагласуваат во ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку и успее Петров да собере 150.000 потписи, што без масовен одѕив на членовите на ВМРО-ДПМНЕ изгледа невозможна мисија, референдум ќе има, но за да успее ќе треба да се обезбеди излезеност од над 900.000 гласачи. Практично ќе се случи она што ѝ се случи на владата на Зоран Заев на референдумот за Преспанскиот договор, поради што не изгледа логично Македонија да троши време и пари за нешто што однапред е осудено на неуспех.

Горан Адамовски