Захарова: Членството на Македонија во НАТО може да ја спречи земјата во нејзината независност


Зачленувањето на Република Македонија во НАТО може да биде причина земјата да не може да води независна надворешна политика, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

– Сигурно ќе мора да се плати за заштитата од страна на НАТО. Веќе знам која е цената за тоа. Ќе треба да се плаќа како поради зголемувањето на трошоците за одбрана, за учество во воени подготовки, операции, кои се далеку од интересите на македонскиот народ, исто така и за губење на можноста од водење суверена надворешна политика, истакна Захарова.

Според неа, службениците во руското МНР не разбираат од каква закана НАТО има намера да ја штити Република Македонија.

– Единствената сериозна вооружена сила која го дестабилизира регионот е армијата на Косово, која е формирана од поранешни албански борци. Не гледаме други закани за безбедноста и затоа се прашуваме дали Алијансата нема повторно да војува со оние кои ги обучила и оружала?, нагласи Захарова.