Запрена изградбата на зградата кај „Мајчин Дом“


Стопирана е изградбата на зградата кај Мајчин дом. Како што информираше денеска градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, градежен инспектор издал решение за стопирање на градбата на зградата поради неправилности на градилиштето. Тој денеска го промени ставот, откако вчера информираше дека не постојат законски начини да се зачува зеленилото, освен општината да плати обесштетување во висина од над осум милиони евра.

„Граѓаните се во право и целосно ја поддржувам нивната борба за јавниот простор. Избран сум да ги решавам проблемите со кои заеднички се соочуваме и токму тоа го правам. Денес имав средба со инвеститорот кој мора да биде вклучен во барањето на решението. Го информирав и него дека издавам решение за стопирање на градбата и дека низ дискусија ќе бараме решение за проблемот“, рече Марин.

Забраната за градење ќе трае 15 дена, период во кој Марин најави интензивни разговори со инвеститорот, компанијата ЗСФ,но и одржување на вонредна седница на Советот на општината со единствена точка на дневен ред, Деталниот урбанистички план И 10.

„Ќе дискутираме за хронологијата на донесувањето на ДУП-от, за можните решенија и заради тоа ги повикувам претставниците на граѓанските здруженија и сите засегнати граѓани да дојдат и да учествуваат на седницата“,рече Марин и нагласи дека во моментов има волја кај сите страни да се дојде до заедничко решение.

Забраната за изградба на спорниот објект кај Мајчин дом доаѓа еден ден по протестите на жителите на општината, кои се спротивставуваат на узурпацијата на зелениот појас. Тие посочуваат дека Аеродром е една од најзагадените урбани средини во Скопје.