Запалени десет контејнери за време на новогодишните празници


За време на новогодишните празници, вкупно десет контејнери за собирање на комуналниот отпад на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје биле запалени и целосно уништени.

-Најголемиот дел од запалените контејнери се наоѓаа на булеварот „Партизански одреди“, во општината Карпош, а дел беа поставени на улицата „Јане Лукроски“, во Општина Гази Баба, каде што е опожарен и еден специјален контејнер-ѕвоно, наменет за селекција на стакло, информираат од ЈП „Комунална хигиена“.

Со овие постапки, велат, се нанесува голема финансиска штета на претпријатието, но и се создаваат проблеми при одлагањето и собирањето на комуналниот отпад во градот.

Од претпријатието апелираат граѓаните да престанат со уништувањето на опремата на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје и совесно да го одлагаат својот отпад, за нивните екипи да можат навремено да ги извршуваат своите работни обврски согласно Оперативната програма за работа.