Замрзнат имотот на ВМРО-ДПМНЕ: Шампитата стана сладолед


Актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ не смее да го отуѓува партискиот имот, главно стекнат за време на претходното партиско раководство, односно во последните години од владеењето на партијата. Новиот партиски лидер Христијан Мицкоски не стигна да го продаде или да го даде под закуп раскошното партиски седиште, како што најави минатата седмица. На барање на СЈО, скопскиот Кривичен суд, во средата, донел одлука со која се замрзнати вкупно 69 недвижнини во сопственост на сега опозициската партија. Од партијата соопштија дека изречената мерка ги опфаќа сите штабови на ВМРО-ДПМНЕ во сите градови низ Македонија. Меѓу нив е и партиското седиште во центарот на Скопје, наречено палата „Христо Татарчев“, според еден од основачите на историското ВМРО.
Изградбата на објектот, своевремено, предизвика лавина реакции, поради неговата габаритност, луксуз, но и архитектура. Новата „бела плата“, со вкупна површина од околу 11.000 квадратни метри, која се издигна на локацијата на некогаш скромната „жолта куќа“ на ВМРО-ДПМНЕ, се смета за еден од поконтроверзните објекти во рамки на исто така контроверзниот проект „Скопје 2014“, кој од повеќе аспекти ја обележа ерата на владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Партиското седиштето се вброи во низата згради и други објекти со бела фасада во неокласичен стил што го окупираа центарот на главниот град, а што многумина во иронија ги нарекуваа „шампити“. На крајот и „белата палата“ влезе во аналите на СЈО, како посебен предмет „Талир“, кој е сè уште во фаза на истрага, односно СЈО не стигна да поднесе обвиненија за него додека имаше мандат за тоа.
Според изнесените проценки, централата на ВМРО-ДПМНЕ вреди над 14 милиони евра, додека вкупната вредност на другите 68 објекти е околу 3,5 милиони евра. Замрзнувањето на партискиот имот е во рамки на случајот „Талир“, а поради можноста тој да биде отуѓен до завршување на постапката. Иако СЈО кон крајот на минатата година се откажа од барањето за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ, сега го побара истото од Кривичниот суд поради најавите на Мицкоски за можно продавање или давање под закуп на партиското седиште, како и поради продажба на стан во Кисела Вода на почетокот од годината за 100.000 евра.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, соопшти вчера дека е поднесена жалба на одлуката на Основниот суд Скопје 1. На прес-конференцијата во партиското седиште, Јанушев рече дека СЈО не приложило ниту еден доказ и оцени дека станува збор за политички прогон, за што партијата ќе ги информира сите дипломатски претставништва во земјава. Тој потврди дека е продаден стан во Кисела Вода што, како што рече, над 20 години бил во сопственост на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, вкупната вредност на целокупниот имот на ВМРО-ДПМНЕ е околу 10 милиони евра.
– Партиското, непрофесионално и селективно СЈО, еден месец по референдумскиот дебакл на Заев и на СДСМ, побара да биде замрзнат целокупниот имот на партијата, а судиите Весна Димишкова и Седат Реџепагиќ без никаква основа веднаш скокнаа да помогнат и да донесат позитивна одлука по барањето на СЈО – потенцира Јанушев.
Тој рече дека за првпат во историјата на Македонија, но и првпат во Европа се замрзнува имот на политичка партија што е во опозиција.
СЈО го отвори случајот „Талир“ кон средината на минатата година, така што 14 лица се осомничени за нелегално финансирање на политичка партија. Првоосомничен за злоупотреба на службената должност и овластување е поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Од СЈО посочија дека во периодот од 2009 до 2015 година биле склучени 71 договор за купување недвижен имот, платен со незаконски стекнати средства. Дел од имотот, како што беше посочено, не се користел за партиски цели и бил без партиски обележја.
Палатата „Христо Татарчев“ ја изгради скопски „Бетон“, откако партијата го препушти земјиштето во самиот центар на Скопје. „Бетон“, како што беше објавено тогаш, се обврза да го изгради објектот и дел од него да ѝ припадне на ВМРО-ДПМНЕ, а другиот дел требаше да биде хотел. Спорно за СЈО е тоа што за вложено земјиште во вредност од околу 250.000 евра, ВМРО-ДПМНЕ добила пари и недвижен имот во висина од речиси девет милиони евра. Разликата од 7,8 милиони евра СЈО ја смета за незаконска донација на фирмата кон партијата.
СДСМ на прес-конференција во октомври 2015 година излезе со информации дека само во текот на 2014 и во почетокот на следната година ВМРО-ДПМНЕ купила огромен имот низ цела Македонија. Тогашниот портпарол на СДСМ, Петре Шилегов, тогаш посочи 63 објекти на различни локации, со вкупна квадратура од близу 12.000 квадратни метри. Станува збор, рече, само за објекти – без земјиште, најголем дел во Скопје. Притоа беше посочено дека вкупниот приход што ВМРО-ДПМНЕ го прикажала за 2014 година изнесува помалку од 4 милиони евра.
Јавноста не доби чиста слика за тоа колку тежи во недвижнини и во пари партијата која, во континуитет, најдолго се одржа досега на власт во Македонија. Сепак, до скоро ВМРО-ДПМНЕ се сметаше за една од најбогатите партии во Европа, со значително поголем имот и од ЦДУ на германската канцеларка Ангела Меркел. Сепак, политичката криза што почна да се развива во почетокот на 2015 година, а потоа и заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција, го земаа својот данок. Како што објавивме пред неколку месеци, во работните групи со СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ инсистирала на итно донесување на новиот Закон за финансирање на политичките партии, со образложение дека партијата тешко ги намерува трошоците за струја, вода и за други комуналии и дека зависи од бизнис-круговите блиски до претходната раководна гарнитура – од времето кога партијата беше на власт. Така, пред распишувањето на референдумот, беше донесен законот со кој значително се зголемија буџетските дотации за политичките субјекти во земјава.


Што се случува со хипотеката во Комерцијална банка?

Пред последните парламентарни избори во 2016 година беше објавено дека тогаш сè уште владејачката партија го заложила под хипотека партиското седиште, за да земе кредит од три милиони евра од Комерцијална банка. Освен својот дел од огромниот објект што го подигна „Бетон“, ВМРО-ДПМНЕ заложила во Комерцијална банка и движен имот и опрема. Од банката вчера не успеавме да добиеме информации дали ВМРО-ДПМНЕ ги сервисира редовно своите обврски од кредитот, за да спречи евентуално активирање на хипотеката.
Околу можната продажба на партиското седиште, адвокатот Драган Малиновски изјави пред неколку дена за „Независен весник“ дека СЈО, во која било фаза од постапката за „Талир“, може да бара конфискација на имотот.
„Но во случај партијата да не ги сервисира редовно своите обврски кон банката и доколку притоа не се утврдат елементи на заплена, тогаш првично се намирува банката, а потоа државата“, изјави Малиновски.
Според правните толкувања, во случај партијата да го продаде имотот, судот ќе нема од што да наплати евентуална штета, доколку се донесе правосилна пресуда во случајот „Талир“.
Александра М. Митевска