Замката на македонската економија


Никола Поповски

Никој, баш никој нема илузија дека македонската економија стои добро. Како да е воспоставен некој чуден консензус кај сите во земјата и во меѓународните организации што се занимаваат со економски прашања дека работите не одат добро. Таквиот консензус не е случаен. Тој се базира на факти. Всушност, економијата, ако се набљудуваат стандардните индикатори за нејзината состојба, постојано прикажува релативно лоши резултати. Животниот стандард е низок, стапките на раст на БДП се разочарувачки, а невработеноста превисока. Тоа е така од самиот почеток на независноста на земјата и по сè изгледа ќе продолжи да биде така. Единствена светла точка е макроекономската стабилност што успешно се одржува веќе 25 години и која се одликува со стабилност на цените, односно ниска инфлација и стабилен курс на денарот.

Ако се погледне во светски рамки, каде што економското ниво на развиеност во најопшти рамки ги дели земјите на три групи – земји со висок, земји со среден доход и земји со низок доход, Македонија и нема толку лоша економска состојба. Ние сме во групата земји со среден доход и тоа во внатрешнаta поделба на таа група на земји со низок среден и висок среден доход, припаѓаме во последнава. Тоа го обезбедуваме со фактот дека имаме БДП по глава на жител од 309.000 денари, односно 4.936 евра (податок е проценет за 2017 година) и тоа не е така лошо во светски рамки. Но тука завршуваат оптимизмот и ентузијазмот. Ако споредбата ја спуштиме на ниво на Европа, веќе имаме големи причини за загриженост. Имено, Македонија спаѓа во петте најсиромашни земји на континентот заедно со Молдавија, БиХ, Албанија и Косово.
Таквата позиција упорно ја одржуваме и, ако нешто драстично не промениме, треба да сме свесни дека веќе постои опасност во наредните години да паднема во групата од три најсиромашни земји на континентот. Таквиот развој на настаните следува ако не успееме значително да ја подигнеме стапката на раст на реалниот БДП и истата да ја одржуваме. Колку за пример, според официјалните податоци, во последнава декада (2009-2018) просечната стапка на раст на економијата изнесувала само околу 2,1 отсто годишно. Пресметката е направена под претпоставка дека стапката на раст во 2017 година ќе биде околу 0,2 отсто, а во оваа 2018 година 3,1 отсто. Тоа е премалку и на земјава не и овозможува никаков напредок, ниту оптимистички очекувања.

На дното на Европа сме и по стапката на невработеност која е околу 22 отсто. Според развојот на настаните и очекувањата, не би требало да сме оптимисти дека оваа лоша состојба ќе се надмине. Според овој податок, исто така спаѓаме во четирите земји во Европа со највисока невработеност, заедно со БиХ, Косово и Грција.

Економијата ни е и структурно лоша. За нашето ниво на развој имаме преголемо учество на земјоделската дејност во структурата на БДП. Имено, во земјоделството создаваме околу 9-10 отсто од БДП, но во него ангажираме околу 18-19 отсто од вработените, односно имаме дејност со високо учество во БДП, чија продуктивност е двојно пониска од просекот. Одовде треба многу сериозно да се размислиме дали претходните и актуелните политики на екстензивна и прекумерна државна помош (субвенции) во земјоделството се корисни и дали всушност токму тие се дел од „неразвојните“ економски политики во земјава. Од друга страна, учеството на индустријата во структурата на економијата е многу ниско и не достигнува ниту 20 отсто. Тоа е карактеристика на најразвиените економии со многу висок доход. Економија како нашата, од групата на земји со висок среден доход, би требало да има учество на индустријата во БДП од најмалку 24-26 отсто. Ваквата состојба не е резултат на огромниот раст на услужните дејности во нашата економија, туку буквално на ниското ниво на развој на индустриската дејност која систематски заостанува зад потребите на економијата. Таа, во една мала и отворена економија како нашата, логично, мора да е извозно ориентирана за да може успешно да се развива. Но очигледно дека нејзината релативно ниска конкурентска способност ја оневозможува во тоа. Дали е време да се преоцени поставеноста на економската политика во дејностите на земјоделството и индустријата, особено оној нејзин дел што е високотехнолошки и со висок обем на знаење во нејзините производи? Веројатно одговорот е потврден, но со него мора многу посериозно да се занимаваат надлежните институции и државни органи.

Состојбите со земјоделството и индустријата во основа го одредуваат и билансот на нашата трговска размена со светот во која, нормално, доминира извозот и увозот на материјални добра наспроти оној на услугите. Нашата надворешно-трговска размена, која заради фактот што сме мала и отворена економија изнесува околу 110 отсто од БДП, е со сериозен дефицит. За илустрација, во 2016 година, за која постојат целосни податоци, вкупната размена изнесувала 11,8 милијарди евра, но извозот изнесувал 5,0, а увозот 6,8 милијарди евра. Дефицитот од 1,8 милијарда евра претставува околу 17-18 отсто од БДП и него постојано мора да го финансираме со девизните дознаки (приливите) што нашите иселеници ги испраќаат во земјата, но и со приносите од странските директни инвестиции и приватното и јавното задолжување на земјата во странство. Позициите на трговската размена на долг рок можат да се подобрат само со дополнителен развој на индустријата на високотехнолошки производи и производи со високо ниво на знаење во нив и како дополнување со преструктуирање на сегашното екстензивно земјоделство во интензивно. На многу долг рок од 15, 20 и повеќе години, товарот на урамнотежување на трговскиот биланс ќе мора да го преземат и услужнните дејности, особено, транспортот, туризмот, финансиската дејност, здравството и другите.

Следната област што мора сериозно да се преструктуира се инвестициите. Добро е што во изминатите 15-ина години нивното учество во БДП се зголеми од околу 22-24 отсто на околу 31-32 отсто. Но нивната структура останува многу неповолна со сè уште доминантно место на инвестициите во градежни објекти и пониско учество на инвестициите во машини, опрема и постојки. Познато е дека придонесот во растот на вториве е многу повисок, а и повратот е побрз за разлика од првите што имаат индиректен придонес и спор поврат. Состојбата во последниве 7-8 години особено се влоши со погрешната алокација на јавните инвестиции што скоро во целина се насочени кон целосно непродуктивните гредежни објекти. Дополнително на сè, ова и СДИ во земјава со децении не можат да го надминат прагот од 2-3 отсто од БДП. Свртувањето кон задржување на релативно високите стапки на инвестирање,но со нивно сериозно внатрешно преструктуирање нема воопшто да биде лесна задача која може да заврши со првичен пад на стапката на бруто инвестициите во економијата.

Ако на претходново се додадат и многуте други слабости на економијата, сликата нема да биде многу розова. Некои од тие слабости се лошата распределба на доходот меѓу населението која, познато е, сè повеќе се влошува; понатаму релативно лошата структура на јавната потрошувачка што е премногу редистрибутивна, а помалку насочена кон обезбедување на квалитетни и ефикасни јавни добра и услуги за населението и економијата; лоша инфраструктурна задоволеност на економијата, особено во транспортниот и енергетскиот дел; неефикасни и лоши институции и слично.

Сè на сè, економската состојба во статичка и во динамичка смисла во Македонија е блиску до алармантна и како да е во своевидна замка од која нема лесен и едноставен излез, па затоа секакво колебање за преземањето итни и одлучни чекори кон побрз и поефикасен развој може да нѐ чини уште повеќе.