Замениците министри на Села поднесуваат оставки-Заев:очекуван потег


По најавата на Зијадин Села дека ќе ја напушти владата по усвојувањето на Законот за јазиците, замениците-министри од Алијансата за Албанците ќе поднесат оставки.

Како што најавуваат од „Алијансата за Албанците“, заменик-министерката за надворешни работи Арта Точи и заменик министерот за транспорт и врски Ремзи Мемети утре ќе ги достават оставките во писмена форма.

Премиерот Зоран Заев како очекувани ги оцени оставките на функционерите од Алијансата за Албанците на државните функции.

– За мене е логичен чекор заради тоа што Зијадин Села на состанокот во мојот кабинет беше дециден дека не прифаќа потпретседател на Влада за реформи. Сепак остави можност да дискутираат во партијата, а тоа го направија. Се понадевав дека ќе останат во Владата и дека ќе доразмислат за понуденото место, но веројатно конечно се откажале од прифаќањето на понудата, а согласно тоа ги прави чекорите за повлекување на своите луѓе, рече Заев одговарајќи на прашање по промоцијата на финалната верзија на Планот за економски раст.

Тој нагласи дека ќе ја почитува одлуката на Алијансата на Албанците каква и да биде, но сепак како што кажа, остава отворен прозор за соработка во интерес на граѓаните и реформите.

– Сметам дека таму има квалитетни луѓе со кои јас лично би соработувал. Јас не сум човек што брза со одлуките веднаш некого да разрешам и ќе почекам да видам што ќе се случува, потенцира Заев