„Заман-Македонија“: Лудило е да не поврзувате со воениот удар во Турција


Весникот на турски јазик „Заман-Македонија“ се откажува од 15.000 евра, кои Владата требаше да му ги исплати како субвенција за печатените медиумите. Одлуката на медиумот следува по обвинувањето од турската амбасада во Скопје дека зад него стои организацијата на Фетула Ѓулен, која во Турција има статус на терористичка.

Со големо жалење ги примаме негативните реакции на турската амбасада во Скопје во однос на помошта што во рамките на сите печатени медиуми во Македонија ја доби и нашиот весник, кој веќе 25 години излегува во оваа држава, и тоа на два јазика: турски и албански. Целосно лудило се обидите да се нанесе штета врз ‘Заман’ поради обидот за воен удар во 2016 година. Тврдењата на турската влада во врска со споменатиот воен удар не се прифатени од ниту еден меѓународен и независен суд, а турската влада цело време го одбива предлогот за меѓународна истрага во врска со воениот удар. Обидот да се поврзе ‘Заман-Македонија’ со обидот за воен удар, е целосен доказ дека се невини илјадниците турски граѓани, чии животи се уништени поради неосновани обвиненија. Особено сме разочарани поради лажните тврдења дека македонската влада со субвенцијата го поддржува тероризмот“, реагираат од уредништвото на весникот и дополнуваат дека ќе ги вратат добиените пари.

Нема да бидеме причина за затегнати односи помеѓу некогашната славна земја Турција и земјата со демократски вредности Македонија. Со цел да ги уништиме сите обиди на некои кругови да нè претстават како причина за затегнати односи меѓу двете земји, одлучивме да се откажеме од споменатата владина субвенција“, објаснуваат од „Заман“.

Веднаш потоа, Владата соопшти дека ја почитува одлуката на весникот.

Владата на Република Македонија и понатаму останува на својата цврста определба за почитување и поддршка на слободата на медиумите и слободата на изразување на граѓаните“, велат од „Илинденска“.

Претходно, Здружението на новинари ја осуди реакцијата на турската амбасада во Скопје, која весникот „Заман-Македонија“ го нарече терористички билтен на ФЕТО.

За еден весник, кој 25 години излегува во Македонија да се каже дека е терористички билтен на која било организација, е скандалозен повик за линч на неистомислениците. Очекуваме дека и останатите државни институции ќе го осудат овој чин кој е во насока на задушување на слободната мисла“, стои во реакцијата од ЗНМ.

Од ЗНМ ги охрабруваат колегите од „Заман-Македонија“ да продолжат со својата работа и им нудат натамошна поддршка во насока на информирање на Меѓународната федерација на новинари за, како што стои во реакцијата, притисоците со кои оваа редакција се соочува во своето работење во Македонија. (Н.В.)