Законот за јазици на нов тест следната седмица


На нова собраниска седница, што се очекува да почне најрано 29 овој месец (следниот понеделник), пратениците ќе треба повторно да се изјаснат за Законот за употреба на јазиците, откако претседателот Ѓорге Иванов објави дека не го потпишува указот за негово прогласување и стапување во сила.

Ако новата регулатива за јазиците добие поддршка од најмалку 61 пратеник при повторното изјаснување, тогаш Иванов е должен да стави потпис на законот. Во оваа фаза, пратениците не може да интервенираат амандмански во регулативата што ја изгласаа пред десетина дена. Единствено може да расправаат и да корегираат дел од одредбите за кои изнесе забелешки шефот на државата.

Уставниот суд е следната можна инстанца за оспорување на уставноста на Законот за употреба на јазиците, кој беше донесен со европско знаменце, а е дел од коалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара Владата да го повлече спорниот закон и да се формираат работни групи за сите партии да учествуваат во подготовка на нова регулатива за употреба на јазиците.

На денешната редовна координација во парламентот, било решено пленарна седница да се одржи дури следната недела за да се избегнат проблеми со кворумот, со оглед на моменталните отсуства и службени патувања на дел од пратениците од мнозинството, наспроти бојкотот на опозицијата. Поради тоа се очекува првата нова седница да почне најрано во понеделник, кога на дневен ред би се нашле и предлозите за избор на потпретседатели на парламентот – функции што не се пополнетио и повеќе една година по конституирањето на овој парламентарен состав. Неодамна беше изгласана одлука со која се отвора можност парламентот да им пет потпретседатели, но неизвесно е дали сите места ќе бидат пополнети сега, со оглед на тоа што една потпретседателска функција Ѝ припаѓа на ВМРО-ДПМНЕ, како најголема опозициска партија.