Законот за амнестија ќе се гласа во понеделник


Законот за амнестија во понеделник ќе биде ставен на гласање. Извори од Собранието брифираат дека процесот оди по брза постапка со цел да се пресретне пресудата за случувањата од 27 април, имајќи предвид дека судењето е при крај. За амнестираните, пресуда нема да има.

Селективната амнестија нема да важи единствено за тие што го организирале упадот, за насилниците и за обвинетите под командна одговорност. Петмината пратеници ќе имаат право да побараат помилување.

За да се прифати законот, ќе биде потребно просто мнозинство од пратениците во Собранието, под услов присутни да се барем 61 пратеник. Од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека нема да учествуваат на седницата, бидејќи сметаат дека селективната амнестија им погодува единствено на пратениците од опозицијата што гласаа „за“ уставните измени, а им се закануваше затворска казна поради тоа што ги отворија собраниските врати за демострантите да влезат. (Г.А.)