Законот за амнестија на тест на уставноста


Адвокатот Сашко Дукоски денеска поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на неодамна донесениот Закон за амнестија.

Дукоски вели дека спорен е членот 3 од Законот за амнестија кој се коси со членот 9 од Уставот на Македонија во кој е наведено дека сите граѓани се еднакви пред Уставот и законите и членот 8 од Уставот кој вели дека темелни вредности на уставниот поредок се владеењето на правото и основните човекови права.
Според Дукоски, Законот е неуставен бидејќи во него е наведено за кои кривични дела се однесува амнестијата, а за кои не, со што, вели адвокатот, се крши уставното начело за еднаквост на граѓаните пред уставот и законите.

Собранието, на предлог на Владата, донесе неодамна Закон за амнестија, со кој би требало да излезат на слобода околу 800 лица со затворска казна до шест месеци, а на околу 3. 000 затвореници казната им е намалена за проценти. Законот за амнестија не ги опфаќа лицата кои издржуваат доживотен затвор, педофилите, убијците, сторителите на кривични дела против државата, изборите и гласањето.

Целта на законското решение, како што образложуваа од Владата, е да им помогне на осудениците во процесот на реинтеграција и да се ослободат затворите од пренатрупаност. Очекувањата се дека на овој начин ќе се подобрат условите за затворениците кои нема да бидат ослободени.