Заканите на Беља му донесоа куршум во нога


Економскиот директор на Клиниката за гинекологија, Ваљон Беља, е хоспитализиран и закрепнува во Градската болница „Св. Наум Охридски“, откако завчера беше застрелан во скопската населбата Чаир. Беља има повреда на ногата, поради што му е извршена интервенција, откако во него било пукано со два куршума.

Од владејачката партија од албанскиот блок засега нема реакција за инцидентот што му се случи на високиот функционер на партијата, иако според неофицијалните информации, станува збор за внатрешен конфликт којшто избувнал помеѓу Беља и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу. Беља, пред да биде пукано во него, му се јавил на градоначалникот на Чаир со кого побарал да оствари средба во Топанско Поле, кај маркетот „Принц“.

Беља му замерил на градоначалникот за тоа што му била стопирана платата што ја примал од општината. По ова, неофицијално, градоначалникот повикал други луѓе при што настанала тепачка која завршила со пукање.

Според официјалните информации од Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил завчера околу 17:45 часот, но не се знае кој пукал  во него. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вчера соопшти дека градоначалникот Ганиу пријавил во МВР дека Беља му се заканува.

„Се работи на расчистување на мотивите на овој настан. Сите тие аспекти ќе ги земеме предвид во расчистувањето на случајот и за сето тоа ќе се сносат последици“, изјави Спасовски.

Беља со години го следат контроверзии и насилни инциденти. Прв пат се појави на политичката сцена со невладината организација „Реалитети“. Во 2010 година, како лидер на партијата Албански сојуз, даде провокативна изјава и рече дека целта на неговата партија е да ја подели Македонија на три кантони – еден македонски, еден албански и еден мешовит кантон.

Неговата партија Албански сојуз подоцна се припои со ДПА на Мендух Тачи, а Беља е назначен за потпретседател. Кратко потоа избувнаа несогласувања помеѓу него и Тачи, откако Беља побара смена на Тачи од лидерската позиција, а лидерот на ДПА го исклучи од партијата.

По крајот на неговата кариера во ДПА, Беља беше претепан во скопско Кондово од група непознати напаѓачи, по што заврши на Ургентниот центар.

По преминувањето во ДУИ, Беља беше вработен во Општина Чаир. Остана запаметен кога во јуни 2016 во канцеларијата на градоначалникот Изет Меџити остави куршум завиткан во салфетка. Причина за оваа порака било неговото барање за подобра функција, односно сакал да биде поставен за директор на Пензискиот фонд.

По тој инцидент Беља беше приведен во полиција, но веднаш потоа пуштен. Тврдеше дека некој го мести. МВР му поднесе пријава за загрозување на безбедноста, но за случајот сè уште нема правен епилог. (Ф.Ф.С.)