Заедничка седница на владите на Македонија и Албанија на 15 декември во Поградец


Владите на Република Македонија и на Република Албанија ќе одржат заедничка меѓувладина седница на 15 декември во албанскиот град Поградец.

На седницата, како што соопшти владината прес-служба, ќе се разговара на повеќе теми, со цел да се унапреди заемната билатерална активност и политичкиот дијалог за зајакнување на соработката во сите сфери.

Со оглед на меѓусебните заложби од регионалната соработка ориентирана кон Европската Унија, Берлинскиот процес, целите зацртани на Самитот на Јадранската повелба во Трст и создавањето на регионална економска зона, во фокусот на меѓувладината седница ќе биде унапредувањето на меѓусебната поврзаност и инфраструктура, олеснувањето на размената на стоки и услуги како и зајакнување на соработката во областа на безбедноста.

Ова е прва заедничка меѓувладина седница меѓу владите на Република Македонија и на Република Албанија.