Заев: Ќе има одговори за „Сопот“, „Смилковско езеро“, „Дива населба“, „Никола Младенов“


Македонија не може да каже дека е нормална држава ако продолжи да живее во мистерија преку случаите како што се „Сопот“, „Смилковско езеро“, „Дива населба“, „Никола Младенов“. Мора да има одговор на сите прашања, граѓаните тоа го бараат и Владата тоа ќе им го обезбеди, рече премиерот Зоран Заев на денешната собраниска седница, одговорајќи на прашањето на пратеникот од Беса, Африм Гаши.

Заев нагласи дека се бара меѓународна истрага зашто е преисполитизирано општеството. Суштината е, напомена, како да се обезбеди меѓународна истрага за граѓаните да ја знаат вистината.

– Додека не се врати комплетната доверба во институциите, особено судството, дотогаш и ние во Владата ќе пишуваме дека за одредени случаи ќе спровдуваме меѓународна истрага која се надеваме ќе им ги даде на граѓаните одговорите на прашањата. Граѓаните сакаат да знаат што се случило, зошто се случило, кои биле причините. Ако тоа Македонија го направи, ќе ја заврши работата пред граѓаните. Убеден сум дека Македонија се движи кон такво време и дека граѓаните ќе ги добијат одговорите на сите прашања. Зборувам за сите граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Боњаци, Срби,…, истакна Заев.

Според него, за слуачите за кои граѓаните бараат одговор, напишано е и во владината програма.

– Суштината е како да се обезбеди меѓународна истрага за граѓаните да ја знаат вистината. Едно е преку пресуда, а друго преку афирмација на доказите. Бараме меѓународна истрага заради доказите, треба да изнајдеме начин како ќе ја обезбедиме таа истрага и гаранција, Граѓаните не коментираат за висината на казните, туку бараат одговори: дали е убиен Никола Младенов, зошто влегле во Куманово, кој им дал простор, дали некој ги излажал да дејствуваат во многу чувствително време, подвлече премиерот Заев.