Заев ќе замине сто дена пред избори, но не и дел од министрите


За премиерот Зоран Заев не е прифатливо барањето на ВМРО ДПМНЕ за враќање на преодната влада што беше договорена во Пржино. Заев изјави денеска дека тој ќе се повлече од премиерското место 100 дена пред парламентарни избори, како што гласи системското решение од договорот од Пржино. Но, посочи дека нема потреба да се повлечат и министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и тројца заменици, затоа што тоа беше решение само за парламентарните избори во 2016 година.

„Парламентарните избори кога и да се одржаат премиерот заминуваа 100 дена пред одржувањето на изборите и доаѓа технички премиер. Јас денеска јавно потврдувам дека остануваме зад овој став, а да се бара техничка влада од делот на одредени дополнителни министри или дополнителни заменици министри со право на вето како што беше пржинската влада само уште еднаш ќе напоменам дека тогаш опозицијата отстапи и прекина со објавување на политичките бомби и вети дека ке ги достави до СЈО. Тоа беше дел од договорот. Тоа беше чекорот по кој Македонија почна да чекори кон излегувањето на политичката криза. Јас не ги гледам ваквите потреби“, истакна Заев.

Што се однесува до второто барање на ВМРО-ДПМНЕ  за измени на Законот за финансирање на партии, Заев вели дека тоа решение е веќе усогласено меѓу партиите во работните групи.

ВМРО ДПМНЕ не остапува засега од ставот дека измените на законите за влада и за финансирање на политичките партии треба да се донесат пред изборот на новиот состав на ДИК, од што, пак, зависи почетокот на подготовките за реферндумот.