Заев: Ќе го обезбедиме лекот што му е потребен на Јане


Премиерот Зоран Заев, денеска имаше средба со деветгодишниот Јане Велковски, момче кое боледува од спинална мускулна атрофија (СМА). Заев рече дека државата ќе го обезбеди лекот „Спинраза“ и дека нема да прекинат се додека не го добијат сите болни на кои им е потребен.

Јане беше во придружба на неговите родители Деница и Ѓорги и неговото братче Оги. родителите го информираа Заев дека фирмата која го произведува лекот преговара само со државни институции, поради комплексноста на програмите за терапија на оваа ретка болест, од која во Македонија се заболени седум лица. Лекот „Спинраза“, кој од минатата година се користи во САД и е одобрен и во Европа, дава одлични резултати кај пациентите болни од СМА.

„За децата ќе сториме сè. Знаеме дека лековите за ретки болести се скапи, компаниите кои ги обезбедиле вложиле во процедурите за откривање, имаат трошоци, но имаат и општествена одговорност за достапност на лекот до сите и ние уште утре ќе ја започнеме процедурата за да стапиме во контакт со нив и да разговараме за набавка“, рече премиерот Заев.

Премиерот Заев додаде дека на средбата со производителот и набавувачот на лекот ќе бидат повикани и претставници на Министерството за здравство и Фондот за здравство, а за целата постапка при употребата на лекот ќе бидат консултирани соодветните медицински лица.

 

Јане Велковски: Фудбалот е се во мојот живот