Заев – Јотова: Значајна година за односите меѓу Скопје и Софија


Премиерот Зоран Заев и заменик-претседателката на Бугарија Илијана Јотова оценија на денешната средба во Скопје дека 2017 година била од големо значење за односите меѓу двете држави и оти следната година на ова пријателство треба да се надоврзе заедничкото членство во НАТО и отворањето на преговорите за членство на Македонија во Европската унија.

На средбата што се одржа во Владата, премиерот Заев оценил дека состанокот е резултат на интензивирањето на пријателските односи меѓу двете држави, кои добиле нагласена динамика по потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка.

Од владината прес-служба информираат дека Заев се осврнал на актуелните активности на Владата, посебно задржувајќи се на иницијативите за евроатлантските аспирации и изразил благодарност за поддршката што на овој план ја добива Македонија од Бугарија.

Заев оценил дека 2018 година ќе биде особено значајна на овој план за Македонија и нагласил дека земјите на ЕУ го препознале новиот пристап на актуелната Влада во однос на остварувањето на стандардите кои се од посебно значење во процесот на пристапување на земјите кандидати за членство во ЕУ.

Од тој аспект, Заев истакнал дека од исклучителна важност е спроведувањето на реформите на домашната политичка сцена, но и новиот пристап во односите со соседите. – Не помалку значајно е и креирањето нови релации и политичка клима меѓу земјите од Југоисточна Европа, особено од земјите на Западен Балкан, нагласил Заев.

Двајцата соговорници се согласиле дека овој пристап во соработката со соседните земји, особено со Бугарија, веќе ги дава првите сериозни резултати видливи во интересот на бизнис заедницата од двете земји за уште поголемо унапредување на деловните врски.

Премиерот Заев информирал за неколку иницијативи произлезени како изрази на намери на неколку големи бугарски компании кои се подготвени да инвестираат во енергетиката, инфраструктурата и во развојот на туристичките капацитети во Македонија, а заменик претседателката на Бугарија ги пренела пораките за интерес на деловни групации од Бугарија колку што е можно побргу да се формира македонско-бугарски бизнис форум за побрз и поефикасен проток на информации и бизнис иницијативи за засилување на деловната соработка меѓу двете земји.