Заев: Среќен сум што сум првиот македонски премиер во посета на Косово


Република Македонија и Република Косово имаат позитивни и конструктивни билатерални односи и соработка на сите нивоа, без отворени прашања. Посета на Косово е можност за продлабочување на добрите односи, порача преку својот Фејсбук профил премиерот Зоран Заев кој денеска престојува во официјална посета на Приштина.

– Со премиерот Харадинај и со другите министри во косовската Влада, со претседателот на Парламентот на Косово, Кадри Весели и со претседателот на Република Косово, Хашим Тачи, денеска се среќаваме како лидери на две земји без отворени прашања. Тука сме за да одиме чекор понатаму: да отвориме нови можности за натамошно унапредување и продлабочување на нашите меѓусебни односи. Среќен сум што сум прв премиер на Република Македонија кој дошол во посета на Косово, пишува Заев.

Претседателот на Владата на Република Македонија пртпладнево со државни почести беше пречекан пред косовската Влада од косовскиот премиер Рамуш Харадинај.

Освен со Харадинај, премиерот Заев во Приштина треба да се сретне и со претседателот на Косово Хашим Тачи и со претседателот на косовското Собрание, Кадри Весели.

За време на престојот во Косово, македонскиот премиер ќе има средба и со претставници на Македонско – косовската бизнис заедница.

Во македонската делегација, што ја предводи премиерот Заев, се и министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, министерот за култура Роберт Алаѓозовски, како и министерот без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми.

Посетата на Заев е прва официјална посета на премиер на Република Македонија на Република Косово.