Заев: Со конечниот договор поместивме планини


Колку убав, величествен и историски ден. Нека ни е со среќа, е поздравот со кој премиерот Зоран Заев се обрати пред потпишувањето на Договорот за името со грчкиот премиер, Алексис Ципрас.

Тој парафразира две мисли од славниот грчки филозоф Аристотел, за храброста како најголема доблест и за надежта како сон.

-Моето чувство денес е дека со потпишувањето на конечниот Договор и решавањето на прашањето за името, навистина поместивме планини. Денес ставаме крај на повеќегодишни разлики кои издигнаа ѕид меѓу соседите. Прашањето беше отворено три децении. Тргнавме по достоинствено и прифатливо решение. Три децении решававме спор. За мене е важно дека овие три децении не научија дека големите визии можат да се реализираат само преку акција, преку храбра иницијатива. Научивме дека треба да учиме од историјата, а не да ја повторуваме – рече Заев.

Тој се осврна на придобивките од решението на спорот.

-Што добиваме со овој договор? Ни донесе охрабрување за иницијативи кои носат подобар живот за граѓаните на двете земји. Градиме пријателство со Грција. Тие ќе бидат наши поддржувачи, заедно трасираме пат за ново паертнерство. Во регионот добиваме нова реалност. Ни претстои да ги отвориме границите за соработка со соседите, а не за ривалство и за тензија. Заеднички да се грижиме за сеопфатна и одржлива безбедност. Со договорот создадовме шанса. Имаме историска можност да ја засилиме соработката за да изградиме полесни економски врски – кажа македонскиот премиер.

Тој испрати порака и до противниците на Договорот во двете земји.

-Нашите општества се дел од европскиот систем на вредности. Нашите држави имаат обврска да застанат зад еднаквоста меѓу нациите, зад европското заедништво и зад солидарноста. Европа е посилна од стравот. Европското семејство не познава ѕидови. На Европа ѝ е туѓа ксенофибијата. Напротив, демократијата реагира на проблеми, се бори против стравот. Противниците на овој договор имаат право на свое мислење и гласање. Европски е да му дадеме шанса на понуденото решение – рече Заев.

Тој ги поздрави Ципрас и грчкиот шеф на дипломатијата, Никос Косиас што имаа доблест и храброст да се впуштат во решавање на спорот, одддаде искрено признание на медијаторот во спорот, Метју Нмиц и искажа благодарност кон ЕУ и кон нејзините претставници.