Заев: Следните шест месеци се одлични за решавање на името


Премиерот Зоран Заев вели дека се уште нема суштински разговори за прашањето за името, но оти има решителност за решевање на овој проблем за што, според него, одличен период е првото полугодие на следната година.

При престојот во Прилеп, коментирајќи ја неодамнешната изјава на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев за прашањето за името, Заев рече дека вицепремиерот бил повикан од стопанските комори за економските прашања, потенцирајќи дека досега со Грција нема суштествени разговори.

– Јас сум демократ, ги почитувам сите размислувања. Ние немаме навлезено во суштината на разговорите со Грција и се надевам дека ќе го сториме тоа со конечно решение. Веројатно, поради варијаблите што ги има во јавноста, вицепремиерот си дозволил да ги коментира отворено. Како што зборуваше за одредени имиња, граѓаните треба да знаат дека ќе бидеме транспарентни во процесот, но од досега разговараното со посредништвото на Метју Нимиц е решителноста на двете страни да навлезат суштински во решавањето на проблемот со името што го има Грција, рече Заев.

Верувам, додаде, дека ќе се изнајде решение на сите нивоа, помеѓу министрите за надворешни работи, помеѓу нас, премиерите.

– Првото полугодие од 2018 година е одличен период за конечно да најдеме решение на овој проблем и Македонија да исчекори напред: да добиеме датум за преговори со ЕУ и да ја официјализираме автоматската покана од нато за членство, изјави премиерот одговарајќи на новинарски прашања.

Вицепремирот Анѓушев во саботното издание на емисијата „Стадион“ на Канал 77 рече дека прашањето со името треба да се реши.

– Северна, Горна или Нова Македонија, за тоа народот треба да си каже. За мене Северна, Горна и Нова е прифатливо, рече Анѓушев, оценувајќи дека решавањето на името е и внатрешно прашање и тоа се поврзува и со економијата.