Заев се надева дека срцето на Макрон ќе омекне


Премиерот Зоран Заеб ја поздрави одлуката на холандскиот Парламент да дозволи отворање на преговорите за пристап на нашата држава кон ЕУ. Се надева дека нивната одлука ќе го омекне ставот на францускиот претседател, кој, и покрај договорот со Грција, цврсто се противи Македонија овој месец да добие датум за преговори.

„Јас верувам дека ќе омекне срцето на претседателот Емануел Макрон, ги разбирам отворените внатрешни дебати во Франција, таа е голем пријател. Ако Германија, Франција, Италија, Британија, Австрија и другите земји одат напред, тогаш и Европа ќе се движи напред“- рече премиерот Зоран Заев на новинарско прашање дали Македонија ќе добие датум за почеток на преговори, со оглед на воздржаноста од страна на Франција.

Заев сепак, очекува Македонија следната недела да добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

„Јас се надевам на позитивна одлука, која што во најмала рака секако ќе ја дефинира потврдата на препораката за почнување на преговори, почеток на скенирањето на целиот овој процес, ќе дефинира подготвеност за одржување на Меѓувладините седници од кои што секако произлегува и датумот за преговори. Јас сум оптимист, знам дека Европа нема да пропушти да ја охрабри и поддржи Македонија, и сите нејзини граѓани, за тоа што го прават сите овие години“- рече Заев.