Заев се виде со Орбан, ама не разговараа за Груевски


Премиерот Зоран Заев се видел, но не успеал да разговара со унгарскиот колега Виктор Орбан, кој му ги отвори вратите на својата земја на експремиерот Никола Груевски, на Самитот на шефови на влади на ЦЕИ, кој се одржува во Загреб. Орбан во Загреб бил дел само од вечерата која ја организирал хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, рече Зеав, и не останал вчера на Самитот.

Орбан имаше само куртоазно поздравување меѓу сите премиери и потпретседатели на влади и министри. Тој денеска не остана да оствариме средба, но се надевам во некоја следна пригода ќе го искажеме очекувањето за одговорот на барањето за екстрадиција на Никола Груевски бидејќи тој, според меѓународните конвенции и законите, мора да ја отслужи својата казна во Македонија“, одговори премиерот запрашан дали го искористил моментот да оствари средба со човекот кој му даде азил на бегалецот Никола Груевски.

Самитот на шефовите на влади на земјите членки на Централноевропската иницијатива во Загреб, Заев го оцени како добра можност за Македонија да го повтори своето очекување за поддршка од земјите пријатели, за членство на нашата држава во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ.

Ја побаравме поддршката од земјите членки за процесите во ЕУ и во НАТО. Македонија се истакнува во позитивно светло во градењето пријателство, добрососедските односи, реформите и очекувањата се дека преку Македонија ќе продолжи проширувањето“, рече Заев.

Во врска со очекувањето за членство на Македонија во НАТО, премиерот изјави „Македонија свети на Балканот“. „Со реформите и со Договорот од Преспа е отворен патот. Македонија ќе биде следната 30. земја членка на НАТО“, рече Заев, кој остварил средба со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Двајцата разговарале за актуелниот процес на уставните измени во парламентот и можноста да се обезбеди потребното мнозинство за да се протуркаат амандманите во предвидениот рок.

На прашањето дали има некаква порака од Јоханес Хан, тој кажа дека еврокомесарот е задоволен од Македонија и од постапките во Собранието и внатрешниот дијалог на власта со опозицијата.

Еврокомесарот Хан сподели очекување дека ова ќе го овозможи потребното двотретинско мнозинство во парламентот за уставните амандмани, во согласност со Договорот од Преспа“, рече Заев кој оцени дека добро се одвиваат реформите во правосудството, безбедносните служби и изрази очекување дека тоа ќе биде мотивација институциите да ги спроведат реформите.

За односите Белград-Приштина, децидно одговори дека и Србија и Косово ѝ се соседи на Македонија, дека Скопје е посветено на добрососедските односи, дека не се меша ниту учествувала во какви било состаноци во врска со ова прашање и дека останува посветена на градењето добри односи со сите соседи.