Заев: Серија мерки за унапредување на македонскиот јазик


„Владата е искрено и силно посветена да го негува и унапредува македонскиот јазик, вечниот паметник на нашето постоење како народ“, порача  денеска премиерот Зоран Заев, отварајжи ја вторатата Меѓународна научна конференција „Минатото на јазичниот свет – денес и утре“, во рамки на Отворените денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје.

„Подготвени сме како Влада да вложуваме во капацитетите што ќе ја развиваат употребата на македонскиот јазик. Тој да биде правилно употребуван во Македонија и подостапен за изучување во странство“, рече Заев.

Тој посочи дека во Програмата предвиделе повеќе мерки за овие цели.

„Владата ќе го поддржи повторното отворање лекторати за македонски јазик на странските универзитети во другите земји, особено во ЕУ. Ќе ги засилиме врските со дијаспората и преку финансирање часови по македонски јазик во државно-конзуларните претставништва во градови каде е изразен доволен интерес за тоа. Ова се дел од мерките на коишто се обврзавме во владината Програма, а денес пет месеци по формирањето на новата Влада ги имаме и првите сработени активности“, потенцира Заев.

Владата, како што рече, веќе усвои повеќе предлог-мерки за унапредување на состојбата со македонскиот јазик, кои ќе се  реализираат преку Министерството за култура.

„Предвидуваме фонд за поддршка на изработка на научни дела посветени на македонскиот јазик од сите области, вклучувајќи изработка на академска граматика, речник, правопис. Мерка за унапредување на нашето јазично богатство, дијалектолошки и историски проучувања на македонскиот јазик. Основање фонд за стипендирање на студирање за македонски јазик на универзитетите во Македонија и ревизија на наставните планови и програми по македонски јазик на сите рамништа на образованието“, најави Заев.

Министерката за образование и наука Рената Дескоска посочи дека грев е да се заборави и запостави мајчиниот јазик. Таа истакна дека ниеден јазик не е загрозен од правото на другиот да го зборува сопствениот мајчин јазик. Според неа, јазикот може да се загрози со недоволно познавање на неговите правила, со негова неправилна употреба, со неквалитетна настава по предметот мајчин јазик, со неодговорен однос и непочитување на правилата за лекторирање на пишаните текстови пред нивно објавување…

Директорката на Институтот за македонски јазик Елена Јованова- Грујовска истакна дека тие го негуваат и чуваат македонскиот јазик со научна работа, со проучувања и резултати. За следната година таа побара 15 нови вработувања и додаде оти деновиве ќе го примат првиот научен соработник по 19 години.