Заев: Референдумот ќе има историско значење и ќе ја дефинира иднината на Македонија


Дебатата во врска со референдумот и сите прашања поврзани со него, меѓу кои и формирањето на ДИК ќе почне кон крајот на овој месец.

Ова го најави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето на Договорот за државна помош со претставници на американската компанија Теламон Европа ДООЕЛ Скопје.

– Прво треба да се запази моментот на составувањето на ДИК. Составувањето на ДИК нема, ниту треба да има каква било поврзаност со одржување на референдумот. Тоа е логично прашање кое дојде по оставките на членовите на ДИК, рече Заев.

Потсети дека со опозицијата е договорено таа да го има претседателското место во ДИК, а партиите од владејачкото мнозинство да имаат четири члена. Изрази уверување дека деновиве преговарачките тимови ќе успеат да ги усогласат ставовите и оти ќе нема услови што ќе имплицираат блокирање на претстојниот референдум. Заев очекува брзо формирање на ДИК.

Нагласи оти ДИК треба да се формира веднаш, бидејќи тоа е обврска на Парламентот и на сите политички чинители во државата.

Престојниот период ќе се дебатира и за датумот на референдумот, референдумското прашање, неговиот карактер.

– Граѓаните имаат право и треба да се изјаснат на референдумот, рече Заев, посочувајќи дека има референдуми со различна тежина, но овој има историско значење, бидејќи со него ќе се дефинира иднината кон која се стреми нашата земја.

На прашањето дали до крајот на годината очекува дека ќе има 80 пратеници кои би ги спровеле уставните измени Заев истакна дека тоа не е цел на владејачкото мнозинство.

– Верувам дека Парламентот треба да обезбеди 120 пратеници, ако волјата на граѓаните биде позитивна на референдумот, нагласи Заев и уште еднаш изрази оптимизам дека изјаснувањето на граѓаните ќе биде позитивно и дека огромно мнозинство ќе ја поддржи иднината на земјата кон ЕУ и НАТО.

Доколку работните групи не успеат да се договорат, тој како можност спомена лидерска средба, но, сепак, изрази уверување дека сите прашања ќе бидат договорени на ниво на работни групи.