Заев: Република Северна Македонија – име за иднината


Република Северна Македонија, како географска одредница, е дефинитивно името што е договорено меѓу владите на Грција и на нашата земја. Тоа предмалку и официјално го соопшти премиерот Зоран Заев, на прес-конференцијата во владата, по неговиот денешен телефонски разговор со грчкиот колега Алексис Ципрас.

Заев рече дека Грција ги прифати македонскиот јазик и идентитет. Решението што е постигнато Заев го оцени како влог во иднината на Македонија и гаранција за евроатлантските перспективи на државата. Тој рече дека конечниот збор, сепак, ќе го имаат граѓаните на земјата на референдумот што ќе се одржи наесен.