Заев прослави 25 години од матурирањето во струмичката гимназија


Зоран Заев го заврши средното образование во струмичката гимназија како одличен ученик. Се врати денеска, после 25 години од матурирањето, како претседател на Владата на Република Македонија. Среќата од заедничката средба, премиерот и неговите соученици и професори, ја споделија во училишниот двор и во училницата во која поминаа заедно четири години. Таму, со класната раководителка Билјана Витанова, се потсетија на средношколските денови, но и на годините потоа, од професионалниот и личниот живот, информираат од владината прес-служба.

Денеска, посебно среќна беше професорката Витанова.

– Горда сум на целата генерација, но посебно на мојот ученик Зоран Заев, кој што денеска е претседател на Владата на Република Македонија. Се гордеам со него и како човек и како политичар. Тој е најдобриот и најуспешниот ученик во мојот 40-годишен работен стаж во образовниот систем – рече Витанова.

По завршувањето на класниот час, премиерот Заев со своите соученици и класната раководителка, дружењето го продолжија во едно од струмичките кафулиња.

Заев, беше ученик во гимназијата „Јане Сандански“ во Струмица во генерацијата 1989 – 1993 година.