Заев: Предвремени избори може и со референдумот и со претседателските избори


Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција рече дека би сакал Владата да го истера целиот мандат, но додаде дека доколку дојде до предвремени избори, би прифатиле тие да бидат паралалено со референдумот за името или со претседателските избори. Анкетите, рече тој, не примамуваат да одиме на избори.

– Може и заедно со референдум, може да бидат со претседателските, а може да бидат и редовни. Јас го кажав ставот кој што е мое мислење, дури и не сум консултирал коалициски партнери, дека треба да се истера целиот мандат. Тоа е добро за економијата и за граѓаните, рече премиерот одговарајќи на на прес-конференцијата на која го соопшти договорот со Грција за името.

Според него, предвремените избори секогаш предизвикувале проблеми и за граѓаните и за економијата.

–  Ако зависат работите и од други околности, и од други фактори секако ние сме спремни да одиме на избори. Анкетите не примамуваат да одиме на избори. Не го кажувам тоа да испратам закани туку го кажувам дека чесно гледаме на периодот кој што е исправен пред граѓаните и нашата земја. Но, ако околностите окажуваат поинаку секако пред се и над се интересите на државата, а досега докажавме дека партиските и политичките интереси се на последен план, рече Заев.